ТитаНикси и Лебронси
Последниве две години скоро секој ден може да се чуе или главната желба на сите во Њујорк и на останатите фанови на Никси или пак разни шпекулации кои го поврзуваат следново лето, Никси и Леброн. Од гледна точка на Никси, тоа е сосема разбирливо.
Очајот е на огромно ниво со оглед на тоа дека заедно со Лос Анџелес, Њујорк е најважниот град во САД. Всушност, поважен е и од Ел-Еј, а од маркетиншки аспект на овие две метрополи може само да им се приклучат Чикаго и Бостон, но само од втор ред.
Споменатиот очај за целосен фејслифт на Никси нивната управа ни го потврдува две години со цел куп потези кои летово ќе ги стават во трка за Леброн, а ако тоа не успее – за Вејд, Бош, Џонсон, Амари итд…Последен во таа низа беше трејдот за Мекгрејди, чиј договор истекува ова лето.
И сите потези се направија без да се мисли на претходната или пак на оваа сезона. Тоа дека цел свет им се смее не им е битно, а лесно може да се случи цел свет да им се смее и после ова лето.
Но, Баба Ванѓа муабетите ќе ги оставам за подоцна, кога за тоа ќе биде време. Сега, озбилните екипи имаат многу попаметни работи за занимавање.
Она што ме натера на овој пост е мизеријата сред Њујорк на Никси синоќа каде загубија со убедливи -20 од убедливо најслабиот тим во лигата, Нетси, за кои ова е само седма победа, ама и втора над Никси. Да биде уште победна ситуацијата, ТитаНикси ги утнаа сите 18 обиди за тројка, што е нов негативен НБА рекорд.
Е сеа, истата вечер Кавси се одлучија да го одмараат Леброн во Милвоки. И се зезнаа. Точно е дека Милвоки игра доста добро и има девет победи во последните десет средби, но и вистина е дека е просечна, а без здрав Ред па и потпросечна екипа. Можеби да играа Шек и Зи, исходот ќе беше и поинаков, со оглед на тоа дека без нив Кавси и немаат друг центар во тимот, но тоа не го менува фактот дека без Леброн тоа е тим кој би се мачел како осми да влезе во плејофот на Истокот.
Можеби тоа е и надежта на сите во Њујорк. Дека со Леброн во тимот, понекој солиден играч и уште некој од редарите во Медисон Сквер, тие ќе бидат екипа која првин ќе се врати во плејофот, а потоа и ќе се бори за врвот на Истокот. Но дали Џејмс би имал нерви да почнува се од почеток? Не верувам. Па макар тоа било и во Њујорк.
8 comments March 7th, 2010

