Полска и Ерика Дампие со брада
Пред да се нафрлам на нешто друго, на кусо да ја анализираме ждрепката од Полска изминатиов викенд која ни ја донесе толку “посакуваната“ Грција во групата за ЕП, заедно со Хрватска и Израел.
Знам дека некои од играчите, па и медиумите кај нас го посакуваа нашиот јужен сосед во група, но јас сигурно не сум еден од нив. Читам сега дека ќе сме ја искористеле мотивацијата во дуелот со Грците, дека имаме посебна причина за победа, како да забораваме дека и тие ќе си имаат свои посебни мотиви. Како да забораваме дека зборуваме за тим кој е еден од најдобрите во Европа и кој има играчи во скоро секој најдобар тим од Евролигата.
Да бевме во некоја група за квалификации - тогаш ОК, и јас ќе сакав да играме со нив, посебно во Скопје пред преполна арена која цело време ќе ори “Ма-ке-донија, Ма-ке-донија“, па макар изгубеле. Ама вака, во Полска, каде ние ќе имаме десетина навијачи, а тие веројатно многу повеќе, не ми е ќејфот што ни се паднаа.
Но, тоа е еден меч, а ние шансата ќе си ја бараме против другите две селекции кои според мене можат да се добијат, нормално, ако играме како што треба и ако добро се подготвиме пред ЕП. Ни Хрватска, ни Израел не се непобедливи, а и немаат некој квалитет од типот на Грција. Тоа што Хрватите после долги години на задњите ОИ се вратија во горниот дом ич не ме плаши, зошто нивната игра лесно може да се прочита, а и немаат некој лидер или класа играч од кој би се плашеле. Подобри се на тренерски план, како и секогаш, ама тоа не мора да биде пресудно. Така.
* * * * * * * *
- “Ендрју Богут е уствари Ерика Дампие со брада“ - Шек после одличната партија против Богут и Бакси.
После оваа изјава ми дојде да се запрашам - Зошто сите драфтот 2005 го гледаат како најголема утка на Атланта? Знам дека изборот на Марвин Вилијамс со 2. пик не беше баш сјаен потег, ама момакот има потенцијал кој сите во Џорџија чекаат да излезе на површина. Тогаш на Хоукси очајно им беше потребен плеј, ама управата се одлучи за Марвин наместо за некои си таму Крис Пол или Дерон Вилијамс. Тоа нормално е грешка, но дали е уште поголема грешка што Бакси го избраа Богут како 1. пик?
Гледајќи го Андрија станува јасно дека дечкото нема каде веќе да напредува и дека откако е влезен во лигата пред три и пол години тој не е нешто многу подобар играч сега. Во Милвоки секако дека, како и во Атланта, сега ќе сакаа да можат да го вратат времето и да го соберат Пол (или Дерон), но барем за мене, а гледано и според тоа каде се наоѓаат сега во своите конференции, Бакси направија далеку поголема грешка од Хоукси на тој драфт.
ПС: Да, сликата е како најава за дербито на Истокот вечер. Кој би рекол дека Хоукси би играле дерби во својата конференција, но факт е дека овој тим кој го имаат конечно почна да созрева. Нормално, не очекувам победа против шампионот, посебно не без Џош Смит, ама овој старт од 6-0 е нешто што никој не го очекуваше. Како и партијата на Ал Хорфорд синоќа во Чикаго.
18 comments November 12th, 2008
