Џо Думарс не е Ајзеа
Сликата е преземена од SLAM.
Како да го одржите својот тим во елитата цела деценија, ако не и повеќе? Само прашајте го Џо Думарс. Човекот кој ја направи историската грешка и го драфтуваше Дарк-О пред Вејд, Бош и Мело, уште еднаш покажа дека тој еден потег била единствената негова грешка во пост-играчката кариера.
Не знам што се дешава во Денвер, ама таму по се изгледа работите одамна излегоа од контрола. Уште од времето кога го потпишаа неупотребливиот Кенјон Мартин за неговиот мамутски договор. Во тимот имаат еден куп сумњиви карактери, кои сега се намалија за еден, ама тоа нема да смени многу работи за нив. Кога летово за ништо се откажаа од Кемби, тоа беше најавено како потег со кој се намалува платниот список и се чуваат пари за во иднина. Сега, тие го имаат 32-годишниот Билапс во неговата втора сезона од договорот вреден 46 милиони долари. Договор кој ако не се смени нешто во меѓувреме, ќе ги врзе Нагетси со Билапс до 2011 година. До кога тие ќе ги имаат под договор и Мартин, Мело и Смит, кои заедно ќе коштаат цели 63 милиони, или скоро цел селари-кап. Лепота.
Тоа што го добиваат краткорочно со Билапс е ОК, само што и онака беа тим кој ќе се бори за задњите плеј-оф места на Западот. Вака со Билапс можеби имаат поголеми шанси, со оглед на стабилноста на плеј која ќе им ја донесе, подобриот шут за три и одбрана, но осмото место и не е некој успех, посебно што тоа најверојатно ќе значи дуел со тимот кој и онака не можете да го победите. Дури и да се случи и Хорнетси да бидат први, истата судбина го очекува Денвер. Барем сега ќе има повеќе минути за Џеј-Ар Смит, како и повеќе поени за Мело, кој може да се сконцентрира на тоа да биде прв стрелец. Тоа ќе му биде единственото задоволство сезонава, ако воопшто му појде од рака.
Детроит пак, покрај сега веќе добро познатото бришење на договорот на Ајверсон следното лето (20.8 мил), во исто време ќе го избреше и големиот договор на Рашид Волас, двајца играчи кои се во залезот на кариерите и кои лесно може, барем во случајот на Шид, да се пензионираат следното лето. Ајверсон им дава нова димензија на Пистонси на кои очајно им требаше промена и освежување. Барем мене некако Билапс задњиве две сезони ми падна во форма, посебно во плеј-офот. Тој ја немаше веќе онаа смиреност кога беше најпотребно и правеше премногу грешки.
Е сега, да не биде дека Пистонси 100% добиваат со овој дил. Се зависи од тоа како Ајверсон ќе се вклопи во тимот, мада не се сомневам дека неговиот борбен стил на игра ќе ги освои сите во радничкиот град Детроит. Плус, тој е роден стрелец, тип на играч каков што Детроит немаше во тесните завршници кога се кршеше резултатот. Уште еден плус, Ајверсон е гладен за успех и свесен за тоа дека му поминува времето, ќе прифати секаква улога во Детроит. Да не зборам дека ова значи повеќе минути за младите таленти Стаки, Максил и Џонсон.
Браво за Думарс.
ПС: Можеби вака делува малку нафрлано.
11 comments November 4th, 2008
