Archive for June 2nd, 2008

… - жолто - зелено

Photobucket

Првиот контакт со Лејкерси го имав преку една маица на брат ми со Меџик на неа. Уште не знам од каде успеа да ја ископа во тие времиња кога НБА беше нешто за што сме слушнале дека се игра во Америка каде црнците рипале по еден метар и каде се играла “атомска кошарка“.

Не долго после гледањето на таа маица, се запознав и нешто подобро со тоа кои се Лејкерси и кој е Меџик. Нормално, тогаш, при крајот на 80-те не можеше да знаеш за Меџик, а да не знаеш за Лери Бирд, а со самото тоа и за Бостон.

По автоматизам, секој кој имаше било каков контакт со овие двајца сањаше да има Конверс Вепонсици на своите нозе, нешто што кусо потоа се смени кога земаа замав едни патики со лого на тип со раширени нозе на нив.

За нас, кои сме запознаени што значеа за НБА овие два тима (најмногу преку ВХС касети кои беа и емитувани на “Недељно поподне“) и нивното ривалство од 80-те, ова финале секако дека буди некакви емоции.

За себе знам дека, како и поголемиот број на луѓе кои ги знам, (тогаш) навивав за Лејкерси секогаш кога тие играа со Бостон, иако во основа нивното ривалство почна да оди по надолна линија со растот на Мајкл во Чикаго и Бед Бојси од Детроит (или Бед Блу Бојси - како што еднаш кажаа на МТВ).

Шоутајмот, осмехот и но-лук додавањата на Меџик беа нешто прекрасно за гледање за разлика од мрската методика на Бостон и нивниот лидер со селски сурат, неговата десна рака која личеше на брат му на Франкенштајн и центарот кој сите го викаа поглавица.

Кој да знае дека токму тие Селтикси беа вистински пример како треба да се игра кошарка. Типична за Истокот. Исто како што таа на Лејкерси беше типична за Западот.

Сега, 20 години подоцна работите стојат слично. Бостон е тимот кој има големо трио и инсистира на цврста одбрана, додека Лејкерси на моменти знаат да бидат вистински шоутајм за гледање.

Мене лично, пошто сум неутрален меѓу овие два тима, ова финале ќе ми биде милина за гледање, и тоа не само поради боите на дресовите и паркетите кои будат некои детски емоции.

ПС: Уште ја имам гореспоменатата маица, само што сега наместо црна е светло сива и без ракави.

14 comments June 2nd, 2008


Календар

June 2008
M T W T F S S
« May   Jul »
 1
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
30  

Архива

Категории