Првото видео од новата сезона му припаѓа на Гилберт Аринас. Знам, знам дека Визардси изгубија во Индијанаполис, но тоа не одзема ни трошка од убавината на тројката со сирена на Жилберто, кој барем избори продолжение за својот тим. Секогаш е убаво да се види како еден шут на голем играч може да ја замолкне цела арена.
* * * * *
Вториот клип сезонава е знак на она што ги чека Лејкерси доколку стварно се одлучат да му ја исполнат желбата на Коби. Тоа што би им се дешавало во иднина веројатно најдобро го најавува цела клупа на Хјустон на чело со дедо Дикембе.
Иначе, кога го спомнувам Коби, синоќа се појави последната шпекулација за неговата иднина. Лејкерси, и тоа не е веќе тајна, некое време преговараат со Чикаго, но за да се комплетира дилот потребен им е и трет тим. Според последниот муабет тоа требало да бидат Кингси, ама барем засега ништо од тоа. Шпекулацијата вели дека нови играчи на Лејкерси требале да станат дефанзивните мрги Бен Волас и Рон Артест, Кингси би го лапнале Бен Гордон и веројатно Јоаким Ноа, додека нормално, Коби би ја носел 24-та во Чикаго. Сега-за сега, ништо од бизнисот, веројатно зашто Лејкерси би го сакале Луол Денг. Што е многу, многу е.
* * * * *
Кавси го попија синоќа, нешто што ама ич не ме изненади, иако за Мавси не играше казнетиот Џош Хауард. Како е конструиран тимот на Кливленд, тие ќе се изнамачат да се вратат на врвот на Истокот. Не дека Леброн ќе има многу мечеви со по десет поени, него остатокот е така беден што не може да ги подигне кога не му оди на нивниот лидер.
November 1st, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА SOUTHWESТ
ХЈУСТОН РОКЕТС
Сопственик: Лесли Александер
Претседател: Дерил Мори
Генерален менаџер: Дерил Мори
Арена: “Тојота Центар”, отворена на 12.10.2003 год.
Капацитет: 18 300 гледачи
Вредност на клубот: 422 мил. долари (3. во лига)
Историја:
Сезони: 36
Плеј-оф пласмани: 23
Пласмани во финалето: 4
Титули: две, последна 1995 год.
Најдобра сезона: 1993-94 со скор 58-24
СЕЗОНА 2006-07:
52 победи и 30 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 1. рунда од Јута
Постигнати поени: 96.9 (29.)
Примени поени: 92.1 (4.)
Шут од игра: 44.5% (30.)
Стрелец: Ј.Минг 25.0
Скокач: Ј.Минг 9.4
Асистент: Р.Алстон 5.0
Дојдоа: Стив Френсис (слободен), Луис Скола (Европа), Мајк Џејмс и Џастин Рид (Минесота), Џеки Батлер (Сан Антонио), Карл Лендри и Арон Брукс (драфт)
Заминаа: Џуан Хауард (Минесота), Џејк Цакалидис и Василис Спанулис (Европа)
Прва петорка: (замени)
Стив Френсис (Р.Алстон)
Трејси МекГрејди (Л.Хед)
Шејн Батие (Б.Велс)
Луис Скола (Ч.Хејс)
Јао Минг (Д.Мутомбо)
Тренер: Рик Аделман

Анализа:
Рокетси беа едни од највредните тимови во текот на изминатото лето во кое не донесоа само нови играчи, туку и го сменија својот тренер и неколку од главните свои оперативци со цел да се засили тимот кој лани и покрај 52 победи разочара во плеј-офот не успевајќи да ја мине првата рунда за прв пат по 1997 година.
Летово сe започна со отпуштањето на тренерот Џеф Ван Ганди и ангажирање на искусниот Рик Аделман, по што следуваше камбекот на некогашниот херој Стив Френсис, трејдот со Минесота за Мајк Џејмс и дилот со Спарси во кој ги добија младиот центар Џеки Батлер и Аргентинецот Луис Скола. Покрај тоа, тие го задржаа Бонзи Велс на уште една година и го драфтуваа талентираниот Арон Брукс. Сите тие нивни потези се причина за голем оптимизам во Хјустон, кој сво новата сезона влегува со амбиција за првата своја дивизиска титула по 1995 година.
Најдобро покриени се во бековската линија каде на староседелецот Рејфер Алстон и Лутер хед ги додадоа повратниците Френсис и Џејмс кои можат да играат и на плеј и на “двојка”. Покрај нив, го имаат и Велс кој им дава повисока опција на бек-шутер и кој се надева дека оваа сезона конечно ќе се наметне по ланската во која беше во немилост на Ван Ганди. Плус, тие го имаат сега и плејот Брукс. Ништо чудно некое од овие имиња да биде трампано сезонава.
Сепак, најважното засилување е Скола, кој со своето искуство веднаш би требал да влета во првите пет и да биде од голема помош за Јао Минг. Скола според многумина изминативе неколку години беше најдобар играч во Европа и би требал одлично да се вклопи во системот на Аделман.
Во плеј-оф ќе играат ако...
Разигрувањето не би требало да го пропуштат, барем не доколку не им се случат повторно повреди на Јао и Трејси. Со Аделман како нов тренер играчите ќе добијат поголема слобода во играта од она што го имаа кај офанзивно рудиментираниот Ван Ганди, а тоа ќе се одрази и врз нивната игра. Тоа значи повеќе топки за Јао, но и многу повеќе додавања, посебно помеѓу високите играчи. Рокетси секако дека на хартија имаат квалитет да се носат со секого и со малку среќа можат конечно да ја вратат во Хјустон втората плеј-оф рунда по пауза од 11 години.

Што велат скаутите…
“Прв заклучок е дека тие се посилни со ангажманите на Стив Френсис и Мајк Џејмс, но јас сметам дека сега имаат премногу играчи кои можат да играат на бековски позсции”…”Секогаш кога во својот тим ги имате Јао и Трејси, кои се сигурно дел од Топ 10 играчите во лигата, ќе победите на доста средби”…”С$ додека не ја разрешат гужвата во бековската линија мислам дека не можат да стигнат далеку во плеј-офот”…”Рик Аделман е тренер кој сака брза кошарка, но Трејси веќе некое време не трча како порано, додека Јао пак ретко и трча. Не знам како ќе играат, па ќе биде интересно да се види тоа”…”Бонзи е нивниот џокер. Доколку успеат да извлечат цела сезона од него, тие можат да бидат доста незгодни”…”Мислам дека на стартот ќе се обидат со Џејмс на плеј, кој сепак не е најдоброто решение”.
Ѕвезда
Ланската сезона и официјално претставуваше предавање на статусот на прва ѕвезда на тимот од страна на Трејси Мекгрејди во рацете на Јао Минг кој полека почна да станува доминатната сила во рекетот која сите предвидуваа. Кинезот беше прв стрелец (25) и скокач (9.4) на тимот, а во моментите кога не се мачеше со ситни повреди тој беше ноќна мора за противничките центри.
Со своите 27 години Јао дури сега влегува во своите најзрели години и од него тек претстои најдоброто. Нешто на што едвај чекаат сите фанови на Хјустон.
November 1st, 2007