Archive for October, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА SOUTHWEST
ЊУ ОРЛЕАНС ХОРНЕТС
Сопственик: Џорџ Шин
Претседател: Вилис Рид
Генерален менаџер: Џеф Боуер
Арена: “Њу Орлеанс Арена”, отворена во октомври 1999 год.
Капацитет: 18 000 гледачи
Вредност на клубот: 225 мил. долари (30. во лига)
Историја:
Сезони: 19
Плеј-оф пласмани: 9
Пласмани во финалето: /
Титули: /
Најдобра сезона: 1996-97 со скор 54-28
СЕЗОНА 2006-07:
39 победи и 43 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 95.5 (25.)
Примени поени: 97.1 (10.)
Шут од игра: 44.5% (26.)
Стрелец: Д.Вест 18.3
Скокач: Т.Чендлер 12.4
Асистент: К.Пол 8.9
Дојдоа: Морис Питерсон (Торонто), Мелвин Илај (Сан Антонио), Дејвид Весли (Кливленд), Џулиан Рајт и Адам Халушка (драфт)
Заминаа: Седрик Симонс и Девин Браун (Кливленд), Дезмонд Мејсон (Милвоки), Брендон Бас (Далас)
Прва петорка: (замени)
Крис Пол (Б.Џексон)
Пеџа Стојаковиќ (М.Питерсон)
Расул Батлер (Џ.Рајт)
Дејвид Вест (М.Илај)
Тајсон Чендлер (Х.Армстронг)
Тренер: Бајрон Скот

Анализа:
Минатата сезона Хорнетси беа осакатени од бројните повреди, опа и покрај тоа до десетина дена пред крајот беа во игра за осмото место на Западот. Тоа кажува многу за нивниот потенцијал, но и за нивниот тренер Бајрон Скот. Ударното трио Пол-Стојаковиќ-Вест лани поради повреди мораше да пропушти вкупно 117 средби, додека во аут на по 26 средби секој беа и веетраните Боби и Марк Џексон.
Сега, во сезоната во која Хорнетси се враќаат дома во својот Њу Орлеанс се поставува прашањето дали со комплетен состав тие имаат квалитет да се борат за место во разигрувањето на силниот Запад? Најважен фактор за нив би можело да биде здравјето на Стојаковиќ кој лани го оперираше грбот и кој според она што го покажа во претсезоната, полека се враќа во ритам.
Како алтернатива за Србинот, Хорнетси ова лето го ангажираа Морис Питерсон од Торонто, но тој пред с$ се очекува да го замени Дезмонд Мејсон кој одлучи да се врати во Милвоки. Исто така си замина и Брендон Бас, кој ја прифати понудата на Далас.
Лани одличен беше Тајсон Чендлер со своите 9.5 поени, 12.4 скокови и 1.8 блокади, а тој во комбинација со Дејвид Вест и Хилтон Армстронг и оваа година ќе го контролираат рекетот.
Во плеј-оф ќе играат ако…
Со оглед на тоа како играа лани без своите најдобри играчи и до самиот крај беа во игра за осмото место, сосема се разбирливи очекувањата тие годинава да играат кошарка и во месец мај.
Тие ќе се обидат да се вратат во разигрувањето за прв пат по 2004 година кога со 4-3 беа поразени во првата рунда од Мајами. Всушност, ова е нивни нов обид за деби учество во плеј-офот откако ги преселија во Западната конференција.
Што велат скаутите…
“Дел од нивниот успех се должеше и на тоа што играа во Оклахома сити каде што имаа одлична подршка од публиката. Сега се враќаат во Њу Орлеанс каде не верувам дека ќе продолжат да играат на исто ниво”…”Вест, Пол и Чендлер се тројца млади играчи кои с$ уште напредуваат. Сите тројца би требале да имаат одлични сезони Како тим располагаат со талент и доколку немаат проблеми со повредите тие ќе бидат една од оние екипи кои ќе се борат за последните плеј-оф места на Западот”…”Кај нив с$ ќе зависи од нивните ветерани и повредите”.
Ѕвезда
Крис Пол, кој важи за еден од најдобрите млади плејмејкери во лигата, минатата сезона ја заврши со со просек од 17.3 поени, 8.9 асистенции и 1.8 украдени топки, но не можеше да влезе во ритам поради проблемите со левото стапало кои го спречија и летово да биде дел од репрезентацијата на САД. Според тоа што можеше да се чуе од Њу Орлеанс, тој ова лето ја повратил својата брзина и влегува максимално подготвен за новата сезона. Со здрав Пеџа, како и с$ подобрите Чендлер и Вест, Пол ќе има доста играчи кои ќе чекаат на неговите асистенции.
October 30th, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА SOUTHWEST
МЕМФИС ГРИЗЛИС
Сопственик: Мајкл Хајсли
Претседател: Дик Версејс
Генерален менаџер: Крис Волас
Арена: “ФедЕксФорум”, отворена во септември 2004 год.
Капацитет: 18 119 гледачи
Вредност на клубот: 294 мил. долари (18. во лига)
Историја:
Сезони: 11
Плеј-оф пласмани: 3
Пласмани во финалето: /
Титули: /
Најдобра сезона: 2003-04 со скор 50-32
СЕЗОНА 2006-07:
22 победи и 60 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 101.6 (8.)
Примени поени: 106.4 (29.)
Шут од игра: 46.5% (9.)
Стрелец: П.Гасол 20.8
Скокач: П.Гасол 9.8
Асистент: Д.Стадемаер 4.8
Дојдоа: Дарко Миличиќ (Орландо), Хуан Карлос Наваро и Кејси Џејкобсен (Европа), Мајк Конли џуниор (драфт), Андре Браун (Сиетл)
Заминаа: Александер Џонсон (Мајами), Чаки Еткинс (Денвер), Џејк Цакалидис (Европа), Данте Џонс, Лоренс Робертс и Џуниор Херингтон (слободни)
Прва петорка: (замени)
Мајк Конли џр. (К.Лаури)
Мајк Милер (Т.Кинси)
Руди Геј (К.Џејкобсен)
Пау Гасол (Х.Ворик)
Дарко Миличиќ (С.Свифт)
Тренер: Мајк Ајварони

Анализа:
Гризлиси, кои минатата сезона ја завршија со најслабиот скор во лигата од само 22 победи и дури 60 порази, во новата сезона ќе се обидат тој срам да го остават зад себе. Старт на ремонтот беше ангажманот на нов тренер во Мајк Ајварони од Феникс и на нов генерален менаџер во Крис Волас од Бостон. Тие двајца изминатово лето работеа на тоа да го опкружат со вистинските соиграчи својот прв играч Пау Гасол, кој е целосно заздравен од повредата на ногата поради која лани мораше да пропушти 23 средби.
Прв потег беше драфтувањето на плејот Мајк Конли со својот четврти пик. Тој беше најдобар организатор на играта на својата генерација и неговите квалитети би требале да бидат од голема помош за Пау, но и за второто големо засилување Дарко Миличиќ, кој како слободен дојде од Орландо. Покрај нив двајца, во Мемфис пристигна и добриот пријател на Гасол, Хуан Карлос Наваро, кој ќе ја зголеми конкуренцијата на плеј.
Со тие три имиња се заокружи пазарот на Гризлиси, кои имаат солиден тим покриен на секоја позиција. Мајк Милер е еден од најдобрите шутери во лигата и во комбинација со Руди Геј на “тројка” ќе се обидат да го рашират рекетот за Пау и Дарко, како и за нивните резерви кои наликуваат еден на друг Ворик и Свифт.
Според тоа што го нудат, барем на хартија, Гризлиси би требале да бидат еден од тимовите со најголем напредок сезонава.
Во плеј-оф ќе играат ако…
Иако би требале да бидат тим со најголем напредок, тешко е да се поверува дека Мемфис ќе успее да се избори за некое од последните плеј-оф места на силниот Запад. За тоа да се случи Ајварони треба да има феноменална руки тренерска сезона, истото се однесува и за дебитантите Конли и Наваро, како и за мистеријата наречена Дарко Миличиќ.

Што велат скаутите…
“Конли веројатно ќе биде стартер, но Лаури ќе му го земе местото. Сезонава тие ќе се менуваат на таа позиција”…”Млади се и талентирани и се тим од кој треба да се плашите. Ајварони ќе ги направи поцврсти како тим и ќе им даде идентитет”…”Со Гасол, Дарко, Свифт и Ворик имаат доста високи играчи кои ќе бидат проблем за противниците”…”Мајк Милер е опасен шутер, а Руди Геј напредува со голема брзина”…”Доколку бековската линија има добра сезона и Дејмон Стадемаер пружи нешто од клупата, тие ќе бидат посилни од што многумина сметаат”…”Мислам дека ќе играат брза кошарка, но не во стилот на Феникс затоа што Ајварони е тренер чија специјалност е одбраната”…”Мислам дека ќе го стават Милер на ‘двојка’, Геј на крило и ќе ги ротираат Пау, Дарко, Хаким и остро во рекетот”…”Ворик ќе мора да покаже повеќе кај Ајварони”…”Немаат многу алтернативи во бек и на ниско крило, но можат да бидат големо изненадување сезонава”.
Ѕвезда
Минатата сезона и покрај солидниот просек не беше сезона за паметење за Пау Гасол, кој покрај рехабилитацијата поради која пропушти 23 средби, мораше често да се соочува со постојаните шпекулации за неговата иднина. Многумина сметаа дека тој ова лето ќе ја смени средината, но место тоа во Мемфис се одлучија да продолжат со изградбата на тим врз него донесувајќи неколку квалитетни засилувања.
Гасол со право се смета за еден од најдобрите високи играчи во лигата, а оваа сезона, по доаѓањето на Миличиќ тој би требал да се пресели на својата природна позиција на крилен центар. За очекување е уште една негова сезона од 20-тина поени и десетина скокови.
October 30th, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА NORTHWEST
ЈУТА ЏЕЗ
Сопственик: Лери Милер
Претседател: Ренди Ригби
Генерален менаџер: Кевин О’Конор
Арена: “Енерџи Солушнс” арена, отворена на 04.10.1991 год.
Капацитет: 19 911 гледачи
Вредност на клубот: 274 мил. долари (21. во лига)
Историја:
Сезони: 33
Плеј-оф пласмани: 21
Пласмани во финалето: 2
Титули: /
Најдобра сезона: 1996-67 со скор 64-18
СЕЗОНА 2006-07:
51 победи и 31 порази
Плеј-оф: Поразени во финалето на Западот од Сан Антонио
Постигнати поени: 101.5 (5.)
Примени поени: 98.6 (17.)
Шут од игра: 47.4% (3.)
Стрелец: К.Бузер 20.9
Скокач: К.Бузер 11.7
Асистент: Д.Вилијамс 9.3
Дојдоа: Морис Алмонд (драфт), Кирил Фесенко (Европа), Џејсон Харт (Клиперс), Рони Прајс (Сакраменто)
Заминаа: Рафаел Араужо и Ди Браун (Европа), Дерек Фишер (Лејкерси)
Прва петорка: (замени)
Дерон Вилијамс (Џ.Харт)
Гордан Гиричек (Р.Бруер)
Андреј Кириленко (М.Харпринг)
Карлос Бузер (П.Милсеп)
Мехмет Окур (Џ.Колинс)
Тренер: Џери Слоун
Анализа:
По одличниот плеј-оф настап минатата сезона и стигањето до финалето на Западот, работите би требале да продолжат да се движат во нагорна лининја за Јута, која има еден од најдобрите тандеми на плеј и крилен центар во лигата во Вилијамс и Бузер. Тие имаат само 23, односно 25 години и се темелник на овој тим, а кога на нив ќе се додадат уште двајца ол-стар стартери во Окур и Кириленко јасно е дека зборуваме за доста силен и компактен тим.
Но, летово и не беше толку среќно за тимот од Солт Лејк Сити, посебно по Евробасектот во Шпанија на кој Кириленко ја освои МВП титулата. Русинот веднаш по освојувањето на златото даде неколку изјави во кои јавно го критикуваше тренерот Џери Слоун и побара да биде испратен во некој друг клуб. Барање за трејд кое секако дека ја наруши позитивната атмосфера во тимот пред новата сезона во која сите очекуваат големи нешта од нив. Но, управата на тимот не му ја исполни желбата, туку ситуацијата ја реши на поинаков начин - со подобро вклопување на Кириленко во системот на Слоун. Нешто на што тие работеа во текот на тренинг-кампот и претсезоната.
Изјавите на Русинот се и единствената негативна работа за овој млад и талентиран тим. Посебно внимание, покрај Бузер, му се одвојува на Вилијамс, кој во текот на последниот плеј-оф се промовираше во наследник на легендата Џон Стоктон, од кого во текот на ова лето и учеше, поминувајќи неколку недели тренирајќи со него.
Мала дупка во тимот е позицијата на бек-шутер на која стартува Гиричек, но како решение во новата сезона би можел да се покаже ланскиот руки Рони Бруер, кој сигурно ќе добие шанса од Слоун. Истото се очекува и за актуелниот дебитант Морис Алмонд. На местото на ветеранот Дерек Фишер тие доведоа уште еден искусен играч во Џејсон Харт.
Под кошот се еден од најсилните тимови во лигата каде покрај Бузер, Окур и Кириленко го имаат и Џерон Колинс, како и Пол Милсеп кој имаше одлична руки сезона лани.
Во плеј-оф ќе играат ако…
Доколку не им се случат повреди на клучните играчи, пред с$ Бузер и Вилијамс, “џезерите” се сигурни плеј-оф патници на Западот. До каде ќе стигнат потоа може многу да зависи од начинот на кој ќе го вратат во ритам незадоволниот Кириленко или пак што ќе добијат за него доколку навистина се одлучат да го трампаат во друг клуб. Доколку има сезона какво што имаше ЕП, Андреј може да биде важен дел од новиот поход на јута кон финалето.

Што велат скаутите…
“Нормално дека мораат да бидат малку загрижени со оглед на желбата на Кириленко да биде трампан. Но, ако на тоа не му се обрнува внимание тие навистина имаат добар тим”…”Дерон Вилијамс се разви во еден од најдобрите плејмејкери во лигата, додека Карлос Бузер е една од најдобрите ‘четворки’. На клупата го имаа Колинс и навистина ми се допаѓа овој тим и сите момци одлично се вклопуваат во системот”…”Окур е добар играч, кој знае како да стигне до поени. Ако успеат да го вратат во ‘игра’ Кириленко и тој има сезона за каква што е способен, тие ќе бидат многу незгодни. Андреј одигра одличен Евробаскет на кој беше избран за МВП”…”Не би прогнозирал да стигнат толку далеку како лани, но никогаш не се знае”.
Ѕвезда
Минатата сезона Карлос Бузер покажа зошто Јута инсиситираше на негов премин од Кливленд пред две години и зошто застана зад него во неговата прва сезона со нив и покрај неколкуте повреди со сомнителна природа. Бузер им се оддолжи на вистински начин со ол-стар сезона завршена со просек од одлични 20.9 поени и 11.7 скокови со реализација од игра од високи 56.1%. Тој е одличен во скокот и во играта под кошот, а како дополнително оружје го има шутот од дистанца со кој ги извлекува своите чувари вон рекетот.
Во Бузер и во Вилијамс многумина во Јута гледаат наследници на легендарниот тандем Стоктон-Мелоун. Нешто што само ќе добие своја потврда со уште една одлична сезона на “џезерите”.
October 30th, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА NORTHWEST
ПОРТЛАНД ТРЕЈЛБЛЕЈЗЕРС
Сопственик: Пол Ален
Претседател: Стив Питерсон
Генерален менаџер: немаат во моментов
Арена: “Роуз Гарден”, отворена во октомври 2005 год.
Капацитет: 21 401 гледачи
Вредност на клубот: 227 мил. долари (29. во лига)
Историја:
Сезони: 38
Плеј-оф пласмани: 26
Пласмани во финалето: 3
Титули: една, 1977 год.
Најдобра сезона: 1990-91 со скор 63-19
СЕЗОНА 2006-07:
30 победи и 52 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 94.1 (29.)
Примени поени: 98.4 (14.)
Шут од игра: 45.0% (21.)
Стрелец: З.Рендолф 23.6
Скокач: З.Рендолф 10.1
Асистент: Џ.Џек 5.3
Дојдоа: Стив Блејк (Денвер), Ченинг Фрај и Стив Френсис (Њујорк), Грег Оден, Џош Мекробертс и Ториан Грин (драфт), Џејмс Џонс (Феникс)
Заминаа: Стив Френсис (Хјустон), Џамал Меглор (Њу Џерси), Име Удока (Сан Антонио), Зек Рендолф, Ден Дикау и Фред Џонс (Њујорк)
Прва петорка: (замени)
Џерет Џек (С.Блејк)
Брендон Рој (Т.Аутло)
Мартел Вебстер (Џ.Џонс)
Ламаркус Олдриџ (Ч.Фрај)
Џоел Пржибила (Р.Лафренц)
Тренер: Нејт МекМилан

Анализа:
Среќата од драфтувањето на Грег Оден со првиот пик многу бргу беше заменета во Портланд со тага по веста дека младиот центар мора да ја пропушти цела сезона поради операција на коленото. Блејзерси очекуваа Оден да биде нивни спасител и за некоја година околу него да се изгради шампионски тим. Проект на кој сега ќе мора да се почека.
Загубата на играчот со потенцијал да стане голема ѕвезда е сериозен удар за секоја екипа, но во Портланд во ниту еден миг не зажалија што се одлучија за Оден наместо за Дурент и инсистираат дека не е с$ загубено. Се очекува сериозна конкуренција за дури четири места во првите пет со само сигурен Брендон Рој како стартер. Доста се очекува од младиот крилен центар Ламаркус Олдриџ, кој би требал да има голем напредок и кој би требал делумно да го замени ефектот на Зек Рендолф кој беше трампан во Њујорк за Френсис, кој веднаш беше шутнат и младиот Ченинг Фрај.
На плеј се солидни со Џек и повратникот Стиви Блејк, како и на крила и бекови со Рој, Аутло, Вебстер, Џонс и Грин.

Во плеј-оф ќе играат ако…
Исто како и во Сиетл, и во Портланд разигрувањето е само пуста желба. Така ќе беше дури и да го имаа Оден на располагање. Вака, без него тие годинава ќе ги развиваат своите млади играчи со надеж дека од следната сезона работите ќе се сменат на подобро.
Што велат скаутите…
“Тажна околност за нив е повредата на Оден”…”Имаат одличен млад и талентиран тим, а посебно добри се момците кои ги драфтуваа лани Олдриџ и Рој. Добар е и Џарет Џек”…”Прижибила последниве сезони стана солиден НБА центар и по повредата на Оден ќе им биде стартер. Добар потег е и ангажманот на Фрај”…”Не се плеј-оф тим, но и без Оден се подобар тим од лани”…”Искуството и цврстата рака на Нејт ќе им помогне на младите момци во развојот, како во нападот, така и во одбраната. Тој е свесен дека тие се млад тим и зна е дека не смее да врши преголем притисок врз нив, туку да ги остави да растат”.
Ѕвезда
Бекот Брендон Рој лани изненади многумина и ги надмина своите драфт колеги избрани пред него освојувајќи ја уверливо наградата за “Руки на годината” пред тогаш актуелниот прв пик Андреа Барњани. Сезонава работите се менуваат со оглед на тоа дека без Оден одбраните сега ќе се сконцентрираат целосно на Рој, кој ќе мора да покаже напредок во играта. Во Портланд од него сите очекуваат да биде лидер на овој млад тим, задача која не е лесна со оглед на составот и со оглед на младоста на Рој. Но, како што покажал и порано, и овој пат тој би требал да биде дораснат за предизвикот.
October 30th, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА NORTHWEST
СИЕТЛ СУПЕРСОНИКС
Сопственик: “Старбакс”
Претседател: Хауард Шулц
Генерален менаџер: Рик Санд
Арена: “Ки Арена”, отворена на 04.11.1995 год.
Капацитет: 17 072 гледачи
Вредност на клубот: 234 мил. долари (27. во лига)
Историја:
Сезони: 40
Плеј-оф пласмани: 22
Пласмани во финалето: 3
Титули: една, 1979 год.
Најдобра сезона: 1995-96 со скор 64-18
СЕЗОНА 2006-07:
31 победи и 51 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 99.1 (12.)
Примени поени: 98.4 (14.)
Шут од игра: 45.0% (21.)
Стрелец: Р.Ален 26.4
Скокач: Н.Колисон 8.0
Асистент: Е.Вотсон 5.7
Дојдоа: Кевин Дурент и Џеф Грин (драфт), Воли Шчербијак и Делонте Вест (Бостон), Курт Томас (Феникс)
Заминаа: Реј Ален (Бостон), Рашард Луис (Орландо), Дени Фортсон (слободен), Андре Браун (Мемфис), Ренди Ливингстон (слободен), Мајк Вилкс (Денвер)
Прва петорка: (замени)
Лук Риднур (Е.Вотсон)
Воли Шчербијак (Д.Вест)
Кевин Дурент (Д.Вилкинс)
Крис Вилкокс (Р.Свифт)
Ник Колисон (Ј.Петро)
Тренер: Пи-Џеј Карлисимо

Анализа:
Иако минатата сезона ја завршија далеку од разигрувањето, Соникси беа една од главните приказни изминатото лето кое сигурно ќе остане во сеќавањето на сите нивни фанови. Најпрво тие неочекувано имаа среќа и го добија правото да бираат втори на драфтот, што значеше селекција на еден од двата големи таленти Оден или Дурент. Потоа следуваше денот на драфтот во кој го добија Оден и истата вечер го загубија најдобриот играч Реј Ален кој во трејд за 5. пик Џеф Грин замина за Бостон. Заедно со Грин во Сиетл дојдоа и Шчербијак и Вест. Неколку дена подоцна Соникси ја загубија и својата втора ѕвезда, Рашард Луис кој како слободен се одлучи за премин во Орландо.
Нов во тимот е и тренерот Пи-Џеј Карлисимо кој се враќа како главен на клупата по неколкуте години минати како помошник во Спарси.
Но. сето тоа остана во сенка на с$ по извесната преселба на Соникси во некој друг град (како Оклахома сити) по неуспешните преговори на новите газди на тимот со градот за изградба на целосно нова арена. Тоа ја прави следната сезона по с$ изгледа и последна за тимот во нивниот Сиетл.
Тандемот Ален и Луис лани имаа вкупен просек од 48.8 поени и 11.1 скокови по средба кои нема да бидат лесни за надокнадување. Со миксот од млади играчи и тактиката преземена од шампионот Сан Антонио, во Сиетл се надеваат дека барем делумно ќе успеат ја пополнат дупката настаната со заминувањето на топ-тандемот.
Тимот кој го имаат и не е толку лош, иако неискуството ка голем број на играчи ќе биде главен проблем и веројатно причина за слаба сезона. На плеј се пополнети со Риднур, Вест и Вотсон, додека под кошот ги имаат Колисон, Свифт, Вилкокс и Петро кои би требале да бидат од помош со ветеранот Курт Томас кој дојде од Феникс.
Сепак, и покрај големиот талент на Дурент ова ќе биде тешка сезона за сите во Сиетл кој следното лето би можел да ги загуби своите Соникси.
Во плеј-оф ќе играат ако…
На разигрувањето не размислува никој во Сиетл, што е и реално со оглед на тимот кој го имаат. Нивната реалност ќе биде борбата со тимови како Минесота и Портланд за избегнување на дното на Западот.
Што велат скаутите…
“Го обожавам Кевин Дурент. Тој е мој избор за ‘Руки на годината’. Најголем квалитет му е што е висок речиси 208 см., а може да игра на ‘двојка’ и ‘тројка’. Знае да одигра со грбот кон кошот, скока, блокира шутеви, трча контри и е неуморен работник. Нормално дека ќе има тешка прва сезона, но има само 19 години и ќе биде нивна прва ѕвезда. Ќе има доволно простор како прва опција во нападот и мислам дека ќе има добра прва сезона”…”Ми се допаѓа и Џеф Грин, кој е доста добар играч. Но, оваа сезона ќе биде тешка за нив и иако не сакам да го кажувам ова, мислам дека тие се најслабиот тим во лигата”…”Лук Риднур е добар, но и непостојан”…”Имаа нов тренер во Карлисимо кој би требал да биде добар за нив”…”Свифт се враќа по сериозна повреда, а Сене е многу добро момче кое с$ уште треба да докаже дека местото му е во НБА”…”Ќе биде интересно да се види како Карлисимо ќе ги вклопи Шчербијак, Дурант и Грин”.

Ѕвезда
Кој друг ако не рукито Кевин Дурент, врз кого ќе има голем притисок да покаже голем квалитет уште на стартот на кариерата. Сите надежи во Сиетл се на 19-годишниот голем талент кој по повредата на Оден е главен кандидат за “Руки на годината”.
Дурент е играч кој може да игра на повеќе позиции на теренот, има солиден шут и одличен влез, како и грбна техника поради кои ќе биде проблем за противничките одбрани. Проблем е неговата мускулна маса поради која може едноствано да биде изтуркан од големите момци во рекетот.
Тој ќе има доволно простор да покаже што знае со оглед на тоа дека веќе ги нема Ален и Луис, а и ќе има право на грешки со оглед на тоа дека никој не очекува ништо од Соникси.
October 29th, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА NORTHWEST
ДЕНВЕР НАГЕТС
Мнозински сопственик: Стен Кронке
Претседател: Марк Варкентин
Генерален менаџер: Рекс Чепмен
Арена: “Пепси Центар”, отворена на 02.10.1999 год.
Капацитет: 19 309 гледачи
Вредност на клубот: 283 мил. долари (19. во лига)
Историја:
Сезони: 31
Плеј-оф пласмани: 18
Пласмани во финалето: /
Титули: /
Најдобра сезона: 1987-88 со скор 54-28
СЕЗОНА 2006-07:
45 победи и 37 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 1. коло од Сан Антонио
Постигнати поени: 105.4 (3.)
Примени поени: 103.7 (26.)
Шут од игра: 46.5% (7.)
Стрелец: К.Ентони 28.9
Скокач: М.Кемби 11.7
Асистент: А.Ајверсон 7.2
Дојдоа: Чаки Еткинс (Мемфис), Стивен Хантер и Боби Џонс (Филаделфија)
Заминаа: Стив Блејк (Портланд), Реџи Еванс и Рики Санчез (Филаделфија), Дермар Џонсон (слободен), Џамал Семпсон (Далас)
Прва петорка: (замени)
Чаки Еткинс ()
Ален Ајверсон (Џеј-Ар Смит)
Кармело Ентони (Л.Клеиза)
Нене (К.Мартин)
Маркус Кемби (С.Хантер)
Тренер: Џорџ Карл

Анализа:
Познато е дека за да се создаде тимска хемија е потребно одредено време, а најдобар доказ за тоа лани беше Денвер кој по доаѓањето на Ален Ајверсон создаде еден од најопасните тандеми во лигата во него и Кармело Ентони. Сепак, со нив двајца како лидери Нагетси до крајот остварија скор од по 32 победи и порази, докажувајќи дека ќе им биде потребно време. Период кој не траеше долго ако се земе во предвид дека тие остварија 16 победи во последните 22 средби од сезоната.
Ако се знае дека Ајверсон и Кармело никогаш порано не тренирале еден со друг, како и фактот дека целата мината сезона поради повреда ја пропушти Кенјон Мартин, кој сега е здрав, разбирливо е возбудувањето на сите во Денвер пред почетокот на новата сезона. Тој нивни оптимизам е разбирлив со оглед на тимот кој го имаат Нагетси. Тие имаа двајца од најдобрите стрелци во лигата, го имаат актуелниот “Дефанзивец на годината” во Кемби и доколку ги заобиколат повредите, најдобриот тандем “четворки” во лигата во Мартин и Нене.
Сепак, с$ уште се потребни жртви за таква група на талентирани поединци да станат колектив, а тренерот Џорџ Карл повеќе од еднаш ја истакна важноста од подобра игра во одбрана, нешто на што тие работеа во текот на тренинг-кампот.
Мал проблем е плејмејкерската позиција која е ослабена за Стиви Блејк. На негово место дојде искусниот Чаки Еткинс, кој и не е некој асистент.
Гледано од аспект на талент, Нагетси имаат с$ за да се борат за највисок пласман оваа сезона, а нивниот успех како и порано ќе зависи од здравјето на високите играчи, како и од тимската хемија која ќе ја развијат.
Во плеј-оф ќе играат ако…
Големо “ако” за нив се повредите кои не ги заобиколуваа последниве сезони. Посебно е битно оваа година со нив проблем да немаат високите играчи Кемби, Нене и Мартин кои изминативе две сезони се изнамачија со разни повреди, посебно последните двајца кои пропуштија по една цела сезона. Доколку с$ биде во ред на тоа поле, за очекување е Нагетси да бидат дел од разигрувањето и таму да бидат незгоден противник за секој тим, па и за фаворитите како Сан Антонио, Далас и Феникс.

Што велат скаутите…
“Доколку Кенјон Мартин успее да се врати во старата форма, исто како и Нене кој се повреди на квалификациите, заедно со Кемби, Ајверсон и Ентони тие ќе бидат голем проблем за одбраната на секој тим во плеј-офот. Но, многу зависи од здравјето на тие момци”…”С$ уште се лаби на плејмејкер”…”Ќе биде интересно да се види каква сезона ќе има Кемби”…”Гледано во минатото, Џорџ Карл по обичај во својата трета или четврта сезона го трошел кредитот во бившите тимови. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите годинава во Денвер. Уште сега тој не е на иста страна со Мартин, што најавува не баш убави работи”.
Ѕвезда
Иако во тој момент беше поголема ѕвезда од Кармело, веднаш по своето доаѓање во Денвер, Ајверсон изјави дека Нагетси се тим на младиот Ентони и дека тој е таму да му помогне да стигне што подалеку во плеј-офот. Со тоа Ален уште еднаш ја потврди својата големина, но факт е дека тој во ништо не заостанува во статусот на прва ѕвезда на тимот зад Мело.
Тие двајца се веројатно најопасниот тандем во лигата, посебно кога зборуваме за играта во нападот, затоа што и двајцата се во секој момент способни да постигнат по 30 поени. Она што на првите средби беше проблем, недостигот на топки во нападот, по кусо време беше елиминирано од Мело и Ајверсон кои сфатија дека мораат да бидат понесебични за корист на тимот.
October 29th, 2007
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА NORTHWEST
МИНЕСОТА ТИМБЕРВУЛФС
Сопственик: Глен Тејлор
Претседател: Крис Рајт
Генерален менаџер: Џим Стак
Арена: “Таргет Центар”, отворена на 13.10.1990 год.
Капацитет: 19 006 гледачи
Вредност на клубот: 303 мил. долари (16. во лига)
Историја:
Сезони: 19
Плеј-оф пласмани: 8
Пласмани во финалето: /
Титули: /
Најдобра сезона: 2003-04 со скор 58-24
СЕЗОНА 2006-07:
32 победи и 50 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 96.1 (20.)
Примени поени: 99.7 (19.)
Шут од игра: 46.1% (13.)
Стрелец: К.Гарнет 22.4
Скокач: К.Гарнет 12.8
Асистент: Р.Дејвис 4.8
Дојдоа: Џералд Грин, Ал Џеферсон, Рајан Гомес, Себастијан Телфер и Тио Ретлиф (Бостон), Грег Бакнер (Далас), Крис Ричард и Кори Бруер (драфт), Џуан Хауард (Хјустон)
Заминаа: Кевин Гарнет (Бостон), Трентон Хесел (Далас), Мајк Џејмс и Џастин Рид(Хјустон), Трој Хадсон (Г.Стејт), Брејси Рајт (слободен)
Прва петорка: (замени)
Ренди Фој (М.Јариќ)
Џералд Грин (Р.Мекентс)
Рики Дејвис (К.Бруер)
Ал Џеферсон (Р.Гомес)
Марк Блонт (Џ.Хауард)
Тренер: Ренди Витман

Анализа:
Од оваа есен почнува целосно нова ера во Минеаполис, откако по 12 сезони Вулфси го почнуваат својот живот без својот симбол - Кевин Гарнет.
Во најголемиот трејд за еден играч во историјата на лигата и најголем по оној на Шек во Мајами пред три години, Минесота стана најмладиот тим во лигата со целосно нов изглед. Најголеми надежи се полагаат во 22-годишниот Ал Џеферсон, кој сега е камен темелник на тимот и кој во иднина би требал да прерасне во ол-стар крилен центар. Покрај Џеферсон, во слична категорија се наоѓаат и рукито Кори Бруер, како и Ренди Фој и Џералд Грин.
Но, иако им даваат надеж за подобро утре, новите млади момци, заедно со тие кои останаа, тоа “утре” нема да им го пружат на своите фанови уште некое време.
Во плеј-оф ќе играат ако…
Нема. Вулфси немаат никакви шанси да бидат дел од разигрувањето, посебно не на силниот Запад. Младиот тим најпрво ќе треба да созрее за да го прекине плеј-оф постот во Минеаполис, нешто што ќе потрае. Тие сега тимот ќе го градат врз талентирано високо момче, ситуација во која беа и пред 12 години.
Што велат скаутите…
“Тие направија трејд кој краткорочно во секој поглед ќе ги осакати. Но, ако се знае дека Гарнет следното лето секако ќе си заминеше, тие го направија тоа што можеа во моментот. Добија неколку солидни играчи и го олеснија селари-капот”…”Навистина ми се допаѓа Ренди Фој, кој е многу добар млад играч. Ал Џеферсон има шанса да стане ол-стар играч за некоја година. Ми се допаќа и Крег Смит, исто како и Рајан Гомес. Сите се млади, но и неискусни”…”Кори Бруер е ол-араунд талент кој ќе им пополни неколку дупки. Но, тој не е играч кој како руки ќе ги однесе во плеј-офот”…”Немаат вистинска прва опција во нападот. Оваа сезона ќе биде доста тешка, но тие веројатно го знаеја тоа од порано”.

Ѕвезда
За Џеферсон се зборуваше и додека тој беше во Бостон, но таму тој секогаш беше во сенката на Пол Пирс. Во Минесота во која нема некоја искусна ѕвезда, веднаш се очекуваат големи работи од Џеферсон кој од првата средба ќе биде “фрлен во оган”.
Тој минатата сезона имаше голем напредок во играта покажувајќи дека може да биде многу опасен во рекетот. Потврда за тоа е дабл-дабл просекот од 16 поени и 11 скокови. Џеферсон во одбраната изнудува удвојување, но мора да го поправи своето чувство за асистенција при повратна топка. Има многу простор за негов напредок, нешто што речиси сите го предвидуваат.
October 29th, 2007
Next Posts
Previous Posts