Archive for October 25th, 2007

07-08 Привју: ЧИКАГО - Конечно пак фаворити на Истокот

ИСТОЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ЦЕНТРАЛ
ЧИКАГО БУЛС

Мнозински сопственик: Џери Рајнсдорф
Претседател: Џон Пексон
Генерален менаџер: Џон Пексон
Арена: “Јунајтед Центар”, отворена на 04.11.1994 год.
Капацитет: 21 711 гледачи
Вредност на клубот: 409 мил. долари (4. во лига)

Историја:
Сезони: 41
Плеј-оф пласмани: 27
Пласмани во финалето: 6
Титули: 6 - последната 1998 год.
Најдобра сезона: 1995-96 со скор 72-10

СЕЗОНА 2006-07:
49 победи и 33 порази
Плеј-оф: Поразени во 2. коло со 4-2 од Детроит
Постигнати поени: 98.8 (13.)
Примени поени: 93.8 (6.)
Шут од игра: 45.7% (16.)

Стрелец: Б.Гордон 21.4
Скокач: Б. Волас 10.7
Асистент: К.Хајнрих 6.3

Дојдоа: Џо Смит (Филаделфија), Јоаким Ноа (драфт)
Заминаа: Пи-Џеј Браун и Мајк Свитни (слободни)

Прва петорка: (замени)
Кирк Хајнрих (К.Духон)
Бен Гордон (Т. Сефолоша)
Луол Денг (А. Носиони)
Џо Смит (Т.Томас)
Бен Волас (Ј. Ноа)
Тренер: Скот Скајлс

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Минатата сезона беше обележана со конечното созревање на младите Булси кое својата потврда ја доби во декласирањето на тогаш сe уште актуелниот шампион Мајами во првата рунда од плеј-офот со чисти 4-0. Иако во следното коло беа сопрени од стариот “пријател” Детроит, Булси покажаа дека се способни да се вратат во елитата на Истокот.
Токму поради тоа, летото не донесе некои поголеми промени во Чикаго каде на местата на Пи-Џеј Браун, кој сe уште не одлучил дали ќе ја продолжи кариерата и ослободеноот Мајк Свитни донесоа две засилувања за во рекетот, Џо Смит и рукито Јоаким Ноа. И покрај сите трејд шпекулации, Булси одлучија да го задржат своето јадро на млади играчи и да не се вклучат во трката по Кевин Гарнет или пак да испратат понуда за Коби Брајант. Така, носители на играта во новата сезона ќе останат Денг, Гордон и Хајнрих, потпомогнати од Носиони и Волас, како и од ланските дебитанти Томас и Сефолоша. Ангажманот на искусниот Смит би требал да го надокнади заминувањето на ветеранот Браун, додека Ноа им дава уште еден дефанзивно ориентиран центар ориентиран на скокот.
Во Хајнрих тие имаат еден од најстабилните плејмејкери во лигата, кој во секоја од последните четири сезони има напредок во играта и кој е одличен дефанзивец. Негов партнер во бековската линија е Гордон кој лани имаше најдобри во кариерата 21.4 поени по средба. Кога на нив ќе им се додадат Денг, Волас и сега Смит во првите пет, сосема е јасно зошто Булси според многумина оваа година се едни од главните фаворити на Истокот.

Во плеј-оф ќе играат ако…
Плеј-офот може да се потцрта со сигурност. 50 победи не се толку далечни со оглед на засилувањата и присуството на одличен дефанзивец во рекетот. Но, вистинскиот тест на нивниот квалитет ќе дојде во разигрувањето, каде секој од тимовите игра одбрана, а победува оној кој има контиунитет во нападот. Со елиминацијата на Мајами минатата сезона покажаа дека се способни да се носат со големите, но годинава треба да покажат дека можат да се носат и со останатите екипи од лигата. Доколку напредуваат како што тоа го прават секоја сезона, ни големото финале не е недостижно.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket


Што велат скаутите…

“Тие се навистина добра екипа која игра колективно во секој момент. Го задржаа Носиони и го драфтуваа Ноа и веројатно ќе бидат подобри од минатата сезона”…”Немаат вистински стрелец во рекетот, така да многу се потпираат на своите надворешни играчи и на основите на кошарка, што секако е добро. Но, често се јавува потреба од лесни и брзи поени под кошот, а тие немаа човек за тоа. Тоа е нивната најголема слабост”…”Колку и да е добар, Хајнрих не е чист плеј, исто како што Гордон не е чиста ‘двојка’. Но, двајцата често одлично се надополнуваат”…”Скајлс е многу добар тренер кој инсистира на игра во одбраната во која Булси се одлични”.

Ѕвезда
Лани Бен Гордон се промовираше во прво име на Булси откако ја одигра својата најдобра сезона во кариерата. Иако според многумина не располага со височина успешно да игра на позицијата на бек-шутер, Гордон тоа го надополнува со својата брзина и прилично брз и прецизен шут. Посебно опасен лани тој беше за три поени реализирајќи 41.3% од своите обиди од надвор. Лани тој имаше пораст во просекот на асистенции на 3.6 по средба, но за жал рипнаа и загубените топки на 3.04 по средба.
Доколку сезонава тој и Булси продолжат да напредуваат, Гордон со некој од своите тимски колеги лесно би можел да се најде во ол-стар тимот на Источната конференција.

3 comments October 25th, 2007

07-08 Привју: КЛИВЛЕНД - Дали ланскиот плеј-оф беше само случајност?

ИСТОЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ЦЕНТРАЛ
КЛИВЛЕНД КАВАЛИРС

Мнозински сопственик: Ден Гилберт
Претседател: Лен Комороски
Генерален менаџер: Дени Фери
Арена: “Кју арена”, отворена на 30.08. 1994 год.
Капацитет: 20 562 гледачи
Вредност на клубот: 356 мил. долари (9. во лига)

Историја:
Сезони: 37
Плеј-оф пласмани: 15
Пласмани во финалето: 1
Титули: /
Најдобра сезона: 1991-92 со скор 57-25

СЕЗОНА 2006-07:
50 победи и 32 порази
Плеј-оф: Поразени со 4-0 во финалето од Сан Антонио
Постигнати поени: 96.7 (19.)
Примени поени: 92.9 (5.)
Шут од игра: 44.7% (24.)

Стрелец: Л.Џејмс 27.3
Скокач: Д.Гуден 8.5
Асистент: Л.Џејмс 6.0

Дојдоа: Девин Браун и Седрик Симонс (Њу Орлеанс)
Заминаа: Дејвид Весли (Њу Орлеанс)

Прва петорка: (замени)
Лери Хјуз (Ерик Сноу)
Саша Павловиќ (Д. Гибсон)
Леброн Џејмс (Д. Браун)
Дру Гуден (Д. Маршал)
Жидрунас Илгаускас (А.Варежао)
Тренер: Мајк Браун

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Минатата сезона засекогаш ќе остане запаметена од сите фанови на Кавси кои неочекувано се најдоа во големото финале освојувајќи ја првата конференциска титула во клупската историја. Леброн против Детроит имаше една од најдобрите индивидуални плеј-оф партии на сите времиња доведувајќи ја до невидено ниво еуфоријата во Кливленд. Еуфорија која траеше само 11 дена и четири средби потоа, откако Спарси си поигруваа со Кавси во големото финале за чисти 4-0 во нивна корист. Сепак, тој пораз воопшто не ги разочара Кавси кои и онака не очекуваа да се најдат во големото финале.
Но, мало разочарување беше неактивноста на пазарот на генералниот менаџер Дени Фери кој цело лето не доведе ни едно ново име и покрај очигледната потреба од засилувања. На крајот, нови играчи се само Девин Браун и Седрик Симонс, додека си замина само и онака неупотребливиот ветеран Дејвид Весли. Летово помина во знакот на с$ уште нерешената ситуација со новите договори на Павловиќ и Варежао, кои бараат повеќе од тоа што Кавси сакаат да им го дадат.
Офанзивно, бековите на Кливленд се едни од најслабите на Истокот и единствена позитивна работа поврзана со нив беше играта на Гибсон во плеј-офот. Младиот плеј ќе мора да созрее побргу од очекуваното за Кавси да се задржат при врвот на Истокот. Сноу е солиден ветеран, но тој за жива глава не може да погоди тројка, додека Хјуз често е повреден, што значи дека често Леброн е тој кој ја организира играта, трошејќи енергија на тоа што не би требало да биде негова задача.
Играчите под кошот како Илгаускас, Гуден и Варежао сочинуваат солидна ротација на високи играчи.

Во плеј-оф ќе играат ако…
Со самото тоа што го задржаа составот кој лани беше дел од големото финале, логични се очекувањата Кавси и оваа година да бидат дел од разигрувањето. Самиот Леброн е гарант за тоа. Сепак, патот до финалето сигурно ќе биде потежок оваа година и веројатно тој ќе заврши предвреме за Кливленд.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Што велат скаутите…
“Тие се добар тим, а доказ за тоа беше ланскиот пласман во финалето. С$ уште не го обезбедиле останувањето на Павловиќ и Варежао, што може да влијае негативно врз нив”…”Имаат еден од најдобрите НБА играчи во Леброн, но имаат и неколку дупки кои се обидуваат да ги затворат, пред с$ таа на плеј”…”Голем напредок за нив би било кога цела сезона би го имале Лери Хјуз здрав”…”Тие дефинитивно се плеј-оф тим, а и подобри се и попаметни за една година”…”Имаат шанса пак да го освојат Истокот, но не верувам дека тоа навистина ќе се случи. Кога ќе се погледне нивниот состав, тие не се најдобриот тим во конференцијата”.

Ѕвезда
Лани Леброн имаше малку послаба статистичка сезона од претходната, но тоа го надокнади со неверојатните партии во плеј-офот, посебно против Детроит во финалето на Истокот. Според многумина тој е најблиското нешто до Меџик Џонсон по самиот Меџик. Џејмс е сестран играч кој може да направи буквално с$ на теренот и е статистички ѕвер со својот редовен допринос во пополнувањето на категориите на поени, скокови и асистенции. Но, финалето со Спарси ја покажа другата страна на медалот, а тоа е дека и неговото носење на свој грб на Кавси има граница доколку нема доволно квалитетни соиграчи. На крајот, сето тоа што го правеше за тимот му одзема премногу енергија за да може да им се спротивстави на идните шампиони.

3 comments October 25th, 2007

07-08 Привју: ИНДИЈАНА - All over again…или Повторно од нула

ИСТОЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ЦЕНТРАЛ
ИНДИЈАНА ПЕЈСЕРС

Сопственици: Херб и Мелвин Сајмон
Претседател: Дони Волш
Генерален менаџер: Лери Бирд
Арена: “Консико Филдхаус”, отворена на 06.11.1999 год.
Капацитет: 18 345 гледачи
Вредност на клубот: 324 мил. долари (14. во лига)

Историја:
Сезони: 31
Плеј-оф пласмани: 18
Пласмани во финалето: 1
Титули: /
Најдобра сезона: 2003-04 со скор 61-21

СЕЗОНА 2006-07
35 победи и 47 порази
Плеј-оф: Не се пласираа
Постигнати поени: 95.6 (24.)
Примени поени: 98.0 (12.)
Шут од игра: 43.8% (30.)
Стрелец: Џ.О’Нил 19.4
Скокач: Џ.О’Нил 9.6
Асистент: Џ.Тинсли 6.9

Дојдоа: Тревис Динер (Орландо), Карим Раш (слободен), Стивен Грахам (Портланд), Андре Овенс (слободен)
Заминаа: Дарел Арсмтронг (Њу Џерси), Мејсио Бастон (Торонто), Ориен Грин (слободен)

Прва петорка: (замени)
Џамал Тинсли (Т. Динер)
Мајк Данливи (К. Раш)
Д.Гренџер (М. Дениелс)
Џермејн О’Нил (И. Диогу)
Трој Марфи (Џ. Фостер)
Тренер: Џим О’Браен

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket


Анализа:

Во новата сезона Пејсерси ќе се обидат да се вратат на позициите на кои беа до пред две -три години, задача која во никој случај нема да биде лесна. Првата и единствена ѕвезда Џермејн О’Нил цело лето беше дел од разни трејд шпекулации кои се намалија последниве месец дена и тоа може да влијае врз атмосферата во тимот кој до пред само една година беше редовен дел од разигрувањето. Пред да им се случи ланската катастрофална сезона.
Она што е позитивно е дека Индијана има талентирани играчи кои новиот тренер Џим О’Браен ќе се обиде да ги спои во плеј-оф тим.
Проблем за нив е плејмејкерската позиција на која е непостојаниот Џамал Тинсли, кој колку е на теренот, толку е вон него поради повреди. Негова замена е Тревис Динер кој дојде од Орландо и не е некоја вистинска алтернатива. Засилување е и Карим Раш, кој ќе се бори за место во ротацијата на позицијата на бек-шутер, за која поради немањето решение ше конкурираат и ниските крила Дени Гренџер и Мајк Данливи, како и Маркиз Дениелс.
Нешто подобра ситуацијата е кај високите играчи каде покрај О’Нил, Индијана ги има и добрите скокачи Трој Марфи и Џеф Фостер, како и солидниот Дејвид Херисон.
Новиот тренер би требал наместо на одбрана акцентот да го стави на нападот, што ако ништо друго ќе ги направи Пејсерси поинтересни за гледање.

Во плеј-оф ќе играат ако…
Разигрувањето барем сега делува далечно за Индијана која од сезона во сезона само паѓа надолу на слабиот Исток. Сега, кога нивната конференција е малку посилна од порано шансите за плеј-оф се минимални. Тие имаат неколку неразјаснети дилеми кои веројатно нема да се решат во следните неколку месеци.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Што велат скаутите…
“Многу непријатни работи им се случија последниве сезони и сега дефинитвно не се добри како што беа пред две години. О’Нил с$ уште е еден од најдобрите високи играчи во лигата, но освен него немаат ништо посебно”…”Џим О’Браен, како и претходникот Карлајл е доста добар тренер, кој ќе донесе различен пристап во тимот”…О’Браен малку ќе ја отвори играта на Пејсерси. Темел повторно ќе биде Џермејн О’Нил, но прашање е дали ќе има некаков напредок во играта”.


Ѕвезда

О’Нил јавно призна дека не е задоволен од начинот на кој се одвиваат работите во Индијана изминативе две години, но и потврди дека најмногу би сакал да остане таму каде што е сега. Со своите 29 години тој е во својот најзрел играчки период и с$ уште може да биде ол-стар играч, нешто за што веројатно ќе му треба малку повеќе мотивација. Тренерот О’Браен потврди дека играта повторно ќе се базира врз О’Нил и за очекување е од него сезона блиска до 20-10 просек, сепак, тоа веројатно нема да биде доволно за успех на Пејсерси, кои ако немаат напредок до февруари, ништо чудно да се одлучат и да го трампаат Џермејн.

2 comments October 25th, 2007

07-08 Привју: ДЕТРОИТ - Имаат ли уште бензин во моторот?

ИСТОЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ЦЕНТРАЛ
ДЕТРОИТ ПИСТОНС

Сопственик: Вилијам Дејвидсон
Претседател: Џо Думарс
Генерален менаџер: Џо Думарс
Арена: “Палас оф Обурн Хилс”, отворена на 13.08.1988 год.
Капацитет: 22 076 гледачи
Вредност на клубот: 402 мил. долари (6. во лига)

Историја:
Сезони: 50
Плеј-оф пласмани: 30
Пласмани во финалето: 5
Титули: три, последна 2004 год.
Најдобра сезона: 2005-06 со скор 64-18

СЕЗОНА 2006-07:
53 победи и 29 порази
Плеј-оф: Поразени во финале на Исток од Кливленд
Постигнати поени: 96.0 (21.)
Примени поени: 91.8 (2.)
Шут од игра: 45.4% (20.)

Стрелец: Р.Хамилтон 19.8
Скокач: Р.Волас 7.2
Асистент: Ч.Билапс 7.2

Дојдоа: Џарвис Хејс (Вашингтон), родни Стаки и Арон Афлало (драфт)
Заминаа: Крис Вебер (слободен), Карлос Делфино (Торонто)

Прва петорка: (замени)
Чонси Билапс (Р.Стаки)
Ричард Хамилтон (Џ. Хејс)
Тејшон Принс (А.Џонсон)
Антонио Мекдајс (Џ.Максил)
Рашид Волас (Н.Мохамед)
Тренер: Флип Сандерс

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
С$ до петата средба од финалето на Истокот, Пистонси делуваа како фаворит кој имаше одлична регуларна сезона за прво место во конференцијата и без проблеми го замени Бен Волас со Крис Вебер. Но, таа петта средба беше моментот на падот на Детроит и подемот на Леброн Џејмс кој со една од најдобрите индивидуални партии во плеј-оф историјата покажа дека Пистонси се и тоа како ранливи поигрувајќи се на пат до триумфот на Кавси и своите 48 поени со еден од најдобрите дефанзивци во лигата, Тејшон Принс.
Елиминацијата која уследи два дена подоцна подигна повеќе дискусии во Детроит, од кои најважната беше за тоа дали Билапс ќе остане со тимот или пак ќе се одлучи да си замине како слободен играч? За среќа на Детроит, тие го задржаа својот плеј што повторно го врати оптимизмот кај нив. Ако на тоа се додаде податокот дека Рашид Волас ослабе девет килограми, дека дел од првите пет најверојатно ќе биде Мекдајс и дека летово Пистонси донесоа двајца добри млади играчи во Стаки и Афлало и бекот Хејс, сосема е јасно зошто Детроит и во новата сезона е еден од фаворитите на Истокот.
Нивната прва петорка е една од најдобрите во лигата, а новите момци плус Џејсон Максил и Амир Џонсон до крајот на сезоната би требале да станат важни делови од ротацијата.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Со тимот кој го имаат Пистонси се редовни плеј-оф учесници секоја од последниве четири сезони, а тоа не би требало да се смени ни оваа година. Првата петорка им е гарант за тоа со еден од најдобрите бековски тандеми во лигата Билапс и Хамилтон. С$ што ќе уследи понатаму на малку посилниот од лани Исток ќе зависи од мотивацијата која заедно со квалитетите на нивниот тренер Флип Сандерс е единствената работа која беше под знак прашалник последниве години во Детроит.

Што велат скаутите…
“Слободно може да се каже дека го имаат најдобриот тим во Источната конференција кој стана подобар со драфтувањето на Афлало и сатки кои би требал веднаш да им бидат од помош. Јадрото не е чепнато и тие се с$ уште фаворити”…”Сигурен сум дека во првата сезона се навикнуваа на Флип Сандерс, кој е многу поразличен тренер од Лери Браун. Лани имаа корегирано многу работи и играа одлично се до финалето на Истокот со Кавси. Според талентот тие се најдобар тим во конеференцијата и и оваа година ќе конкурираат за највисок пласман”.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Ѕвезда
Според важноста која ја имаше за тимот последниве три години тоа место дефинитвно му припаѓа на Чонси Билапс, кој од плеј-офот 2004 година се промовираше во лидер на Пистонси. Пред да притигне во Детроит 2002 година, тој смени четири екипи во шест години, но од тогаш тој се најде во иста категорија со Џејсон Кид и Стив Неш како еден од најдобрите плејмејкери во лигата. Мал е бројот на организатори на играта кои го прават тоа подобро или како Билапс и тој и во новата сезона ќе биде главна карика на тимот кој повторно атакува на врвот.

4 comments October 25th, 2007


Календар

October 2007
M T W T F S S
« Sep   Nov »
1234567
891011121314
15161718192021
22232425262728
293031  

Архива

Категории