Archive for October, 2007

Tргнавме…

Од она што се дешаваше синоќа, покрај нормално церемонијата на подигање банер и делење прстени во Сан Антонио, најинтересно беше во Ел-Еј каде фановите на Лејкерси му упатија јасна порака на Коби кој е главен во градот. До крајот на дуелот со Хјустон, Коби им упати јасна порака кој е главен во Лејкерси и со своите 45 поени ги натера, сакале тие или нејќеле, да му аплаудираат.

Сепак, тоа не ги спаси Лејкерси од пораз, затоа што Рокетси покрај еден Ти-Мек, го имаат и Јаоза, како и уште неколку корисни играчи какви Фил Џексон нема.

Јута пак, со Дерон и Буз, а и одличниот на двојка Бруер и Милсеп како замена за 0-те поени на Мемо си продолжи таму каде што си застана лани во серијата со Вориорси кои очекувам барем на стартов да се мачат со секој тим кој е барем приближно на нивно ниво. Одличен ефект и на Кириленко - 9 п. 9ск. 8ас. 5бл.

6 comments October 31st, 2007

07-08 Привју: ФЕНИКС - Сонцето нема да сјае вечно

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
ФЕНИКС САНС

Сопственик: Роберт Сарвер
Претседател: Рик Велтс
Генерален менаџер: Стив Кер
Арена: “Ју-Ес Ерлајнс Центар”, отворена на 01.06.1992 год.
Капацитет: 19 023 гледачи
Вредност на клубот: 395 мил. долари (7. во лига)

Историја:
Сезони: 39
Плеј-оф пласмани: 27
Пласмани во финалето: 2
Титули: /
Најдобра сезона: 1992-93 и 2004-05 со скор 62-20

СЕЗОНА 2006-07:
61 победи и 21 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 2. рунда од Сан Антонио
Постигнати поени: 110.2 (1.)
Примени поени: 102.9 (23.)
Шут од игра: 49.4% (1.)

Стрелец: А.Стадемаер 20.4
Скокач: Ш.Мерион 9.8
Асистент: С.Неш 11.6

Дојдоа: Грент Хил (Орландо), Ди-Џеј Строубери и Аландо Такер (драфт), Брајан Скинер (Милвоки)
Заминаа: Џејмс Џонс (Портланд), Пет Бурк (Г.Стејт), Џален Роуз (слободен), Курт Томас (Сиетл)

Прва петорка: (замени)
Стив Неш (М.Бенкс)
Раџа Бел (Л.Барбоса)
Грент Хил (А.Такер)
Ш.Мерион (Б.Диао)
Амари Стадемаер (Б.Скинер)
Тренер: Мајк Д’Антони

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Секоја од последниве три сезони Санси успеваат да ги надминат очекувањата и секоја од последниве три сезони тие не успеваат да стигнат до големото финале. Стив Неш иако никој не очекуваше успеа да стигне до две МВП титули по ред, а и лани одигра МВП сезона, а Амари Стадемаер лани успеа да направи неверојатен камбек по сериозниот хируршки зафат на коленото само година дена порано. Сепак, тоа не беше доволно за освојување на титулата откако Сан Антонио по втор пат во три години им се испречи на тој пат. Со многу контроверзии Спарси го добија дуелот од втората рунда, а на фановите на Санси им остана само да жалат за новата пропуштена прилика. За некоја година никој нема да памети на кој начин Сан Антонио славел во таа серија.
Во новата сезона Феникс влегува со истата филозофија дека може да го прекрши правилото дека само одбраните освојуваат титули. Со оглед на тоа дека го имаат неуморниот Неш, како и незадоволниот Мерион и Стадемаер, нема причина во Аризона да не очекуваат уште една сезона со најмалку 60 победи. Но, загубата на Курт Томас може да се покаже многу побутна отколку што изгледа во моментов, затоа што со неговиот бесмислен трејд во Сиетл тие го загубија единствениот квалитетен дефанзивец во рекетот. Ново име е Грент Хил, кој доколку успее да одигра цела сезона без повреди секако дека ќе биде од голема помош, посебно на Неш во нападот, но и во соблекувалната со своето искуство.
Покрај тоа тука се и Раџа Бел, Леандро Барбоса и Борис Диао кои ги извршуваат сите оние останати работи, но останува проблем немањето резерва под кошот каде мора да се жртвува Французинот.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Разигрувањето уште сега е резервирано за Санси кои повторно ќе бидат дел од екипите кои ќе се борат за првото место на Западот. Сепак, многу поважно ќе биде да се види како тие ќе се покажат во плеј-офот и на кого ќе налетаат таму. Прашање е дали можат да се носат со Спарси, додека до некаде подобар противник за нив е Далас. Лошо може да им се одрази загубата на Курт Томас, посебно против тим како Спарси или Рокетси. И покрај тоа, пред с$ поради Неш, Феникс има тим способен конечно да ја освои титулата, нешто за што ќе мораат да побрзаат со оглед на тоа дека Неш има 34 години полека се затвара прозорот за Санси.


Што велат скаутите…

“Го ангажираа Грент Хил кој им дава квалитет плус, но го загубија Курт Томас кој беше нивни најдобар дефанзивец во рекетот”…”Неш се одржува во одлична физичка спрема. Тој ја сврте својата кариера на подобро кога почна со друг режим на тренинзи. Мислам дека ќе игра на МВП ниво уште некои две-три сезони”…”Стадемаер не е толку добар дефанзивец и мислам дека загубата на Томас ќе се одрази негативно врз нив. Курт одигра одлично во плеј-офот и беше важен дел од овој тим. Тоа е голема загуба за која малку се зборува”…”Во Хил добија уште еден организатор на играта кога Неш не е во игра, што е многу важно кога Барбоса го менува Неш, затоа што Леандро не знае баш најдобро да го организира нападот”.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket


Ѕвезда
Двократниот МВП лани одигра уште една сезона во таков стил, но гласачите веројатно одлучија дека ќе биде премногу и трета сезона по ред да му го доделат најголемото индивидуално признание. Неш минатата сезона ја заврши со 18.6 поени и 11.6 асистенции и со одлична реализација како за еден, така и во шутот за два и за три поени. Канаѓанецот уште една покажа дека с$ додека тој игра, Санси се кандидати за тронот и дека годините немаат големо влијание врз него. Најзаслужен за тоа е неговиот посебен режим на тренинг во кој тој успева да извади максимум од својот хронично болен грб.

1 comment October 31st, 2007

07-08 Привју: ЛЕЈКЕРС - До кога ќе го држат Коби?

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
ЛОС АНЏЕЛЕС ЛЕЈКЕРС

Сопственик: Џери Бас
Претседател: Џери Бас
Генерален менаџер: Мич Купчак
Арена: “Стејлпс Центар”, отворена на 02.11.1999 год.
Капацитет: 20 000 гледачи
Вредност на клубот: 529 мил. долари (2. во лига)

Историја:
Сезони: 59
Плеј-оф пласмани: 43
Пласмани во финалето: 28
Титули: 14, последна 2001-02
Најдобра сезона: 1971-72 со скор 69-13

СЕЗОНА 2006-07:
41 победи и 41 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 1. коло од Феникс
Постигнати поени: 103.3 (5.)
Примени поени: 103.4 (25.)
Шут од игра: 46.6% (6.)

Стрелец: К.Брајант 31.6 (1.)
Скокач: Л.Одом 9.8
Асистент: К.Брајант 5.4


Дојдоа:
Дерек Фишер (Јута), Џаварис Критентон (драфт), Коби Карл (недрафтуван)
Заминаа: Смуш Паркер (Мајами), Арон Меки (пензија), Шамонд Вилијамс (Европа)

Прва петорка: (замени)
Дерек Фишер (Џ.Фармар)
Коби Брајант (С.Вујачиќ)
Лук Волтон (В.Радмановиќ)
Ламар Одом (К.Браун)
Крис Мим (Е.Бајнам)
Тренер: Фил Џексон

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket


Анализа:

Непишано правило е дека ни едно лето не е досадно кога се во прашање Лејкерси, па така беше и овој пат со доминацијата низ сите медиуми на сагата за Коби Брајант кој де сакаше, де не сакаше да си замине од Лос Анџелес. На крајот, Коби си остана со Лејкерси иако тимот не му ја исполни желбата да му донесе поквалитетни соиграчи.
Лани тие имаа добар старт на сезоната пред да ги зафатат повредите на Браун, Одом и Волтон, што значеше повеќе минути за неискусниот Бајнам, па и за рукито Фармар.
Доколку не се случи некој неочекуван трејд на Коби, Лејкерси сезонава би требале да се борат за петото место на Западот. Тимот кој кај себе го има Коби има шанса да слави на речиси секоја средба, но за тоа навистина да се случи ќе им треба здрав и во форма Одом и голем напредок на нивната центарска линија.
Во сенка на Коби помина камбекот во тимот на Дерек Фишер, кој би требал да биде засилување со оглед на тоа дека немаа ниту еден квалитетен плејмејкер, тој одлично го познава триаголникот на Фил Џексон и е голем пријател со Коби. Со тоа и е минимална загубата на Смуш Паркер кој се пресели во Мајами.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Доколку не се случи некој трејд на Коби или пак тој се повреди, Лејкерси би требале да бидат дел од втората четворка која ќе игра во плеј-офот на Западот. Нормално, за да успеат да направат било што повеќе и за прв пат ја поминат првата рунда по 2004 година, тие ќе мора да добијат многу повеќе од другите играчи, пред с$ Одом и Браун, но и од опоравениот Мим и младиот Бајнам кои ќе мораат да го одбранат рекетот од играчи како Данкан, Јао или Стадемаер.


Што велат скаутите…

“Мислам дека Коби само ги искажува своите фрустрации и дека ова ќе помине. Јас сум еден од оние кои мислат дека Лејкерси се многу подобри од тоа што го покажаа лани и дека причина за слабата сезона беа бројните повреди”…”Кога Мим и Одом се здрави, заедно со повратникот Фишер тие се доста добар тим”…”Бајнам ќе почека да стане одличен центар, но за сега може да им биде од помош на Мим и Браун. Во следните неколку сезони тој би требал да напредува и да стане тоа што Лејкерси го очекуваат од него”…”Ангажманот на Фишер им помага во голема мерка, посебно на рукито Критентон и на Фармар”…”Коби е најдобриот играч во лигата и навистина не ми е јасно како до сега нема ниедна МВП титула”…”Тие мораат да пронајдат уште еден играч со челична волја како таа на Коби. Кога не им оди на добро, Коби мора да има таков соиграч”.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Ѕвезда
Ако ништо друго, Лејкерси во моментов можат да се пофалат со тоа што во своите редови ја имаат најголемата ѕвезда во лигата, иако и тоа може да не биде со така долг век. Коби по елиминацијата од Феникс јавно си ги искажа фрустрациите од лошата работа на управата на клубот и побара трејд. Барање кое го повлече после некои месец дена, но кое с$ уште ги плаши фановите на Лејкерси дека би можеле наскоро да ја загубат својата ѕвезда.
Сепак, тоа никако не остава негативен впечаток врз самиот Брајант кој е најопасната машина за кошеви во лигата и кој е еден од подобрите дефанзивци. За очекување е малку понесебична сезона од него што ќе значи само некоја победа плус за Лејкерси.

7 comments October 31st, 2007

Идеме!

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Како и секоја година, и оваа најубаво се чувствувам при преминот на октомври во ноември и првиот вторник кој ќе се најде меѓу нив.

Вечер почнува она на што сите чекавме скоро пет месеци (можеби пократко зашто сепак требаат едно месец-два да се одмориш малку за пак да ти недостига нешто) и она на што Грег Оден ќе почека уште година дена.

Без многу тупење, пошто немам многу време, во продолжение е дел од текстот кој го напишав денес за во весник. Ќе ја постирам и најавата која ја направив за ЕСпорт, само да излезе најновиот број. Нормално, следниве два-три дена продолжува постирањето на екипите кои останаа ненајавени.

Иначе, за тоа дали ќе има НБА на некој наш канал, се уште нема ништо, иако МТВ некое време бараше спонзори за преноси. Не знам до каде е кај нив работата, ама сигурно е дека ќе има по една (петок) на Орбит ЕСПН.

* * * * * *

“Петката” како мотив плус за Спарси

Нецели пет месеци откако Тим Данкан и Спарси се искачија на НБА подиумот со својата четврта титула во последните девет години, вечерва повторно, по 62. пат по ред стартува најновото издание на најсилната кошаркарска лига на светот во кое токму Спарси ќе се обидат за прв пат во својата историја да го одбранат претходно освоениот “Лери О’Браен” трофеј.

Суеверните фанови на тимот од Тексас сигурно дека нема да бидат оптимисти со оглед на тоа дека минатите четири титули тие ги освоија во непарни години (1999, 2003, 2005 и 2007), но суеверието не е нешто со што се занимаваат Грег Попович, Данкан, Тони Паркер и Ману Џинобили кои се главни фаворити за задржување на својот шампионски трон. Како и минатата година, главните ривали на Спарси доаѓаат од Западната конференција и тоа Феникс и Далас, кои исто така не беа претерано активни на пазарот. За тоа изминатово лето беа задолжени во Бостон каде Селтикси со самод ва потега успеаја од еден од најслабите тимови во лигата лани да се претворат во легитимен конкурент за титулата на Истокот. Не толку недостижно достигнување ако се знае дека со тие два потега тие добија два екстра играчи во Кевин Гарнет и Реј Ален без со тоа да ја изгубат својата прва ѕвезда Пол Пирс.

Конкуиренцијата за место во разигрувањето во двете конференции е голема и мал е бројот на екипите како Минесота, Портланд, Филаделфија или Сиетл кои во новата сезона не влегуваат како можни плеј-оф кандидати. Покрај триото Сан Антонио, Далас и Феникс, својата шанса на Западот ќе ја бараат и подновените Хјустон Рокетси кои имаат нов тренер во искусниот Рик Аделман, како и неколку засилувања за кои веруваат дека во комбинација со Јао Минг и Трејси Мекгрејди се способни да се носат со секого. Нормално, Рокетси најпрво ќе треба за прв пат по 11 години да го минат првото плеј-оф коло.

Покрај нив, силината и квалитетот на Западната конференција ја докажува и Јута, која лани успеа да стигне до конференциското финале, како и Денвер кој со Кармело Ентони и Ален Ајверсон како лидери е еден од офанзивно најпотентните тимови во НБА. Тоа е шесторката која ќе биде во игра за највисок пласман на Западот, додека за останатите две места ќе се борат Лејкерси, ланското изненадување Голден Стејт, доста засилениот Мемфис, повратникот Њу Орлеанс како и гладните за успех Кингси.

Ситуацијата во Источната конференција е поеднакво замрсена, само што за разлика од Западот, таму е помал бројот на екипите кои имаат реални шанси да се борат за титулата. Сепак, Истокот мора да има свој претставник во големото финале, и исто како и Кливленд лани, неколку екипи во новата сезона ќе ја гледаат својата шанса за мегдан со најдобриот од Западот. Бостон дигна најголема прашина и со новот големо трио секако дека е еден од главните фаворити. Улога во која се наоѓаат и шампионите од 2004 год. Детроит, се подобриот Чикаго, првакот од 2006. год. Мајами, како и актуелниот шампион на Истокот, Кавси, кои ќе се изнамачат за да стигнат во истата ситуација во која беа минатиот јуни.

Вечерва сезоната, по традиција ја отвара шампионот, па така Спарси ќе ја имаат таа чест пред дуелот со Портланд да им биде подигнат новиот банер и да им бидат поделени прстените наменети за најдобриот од страна на НБА комесарот Дејвид Стерн. Средбата со Блејзерси требаше да биде и деби во лигата за првиот пик и голем талент Грег Оден и негов дуел со Данкан, но повредата на коленото го одложи тоа деби на младиот центар за една година. Покрај нив во првата НБА вечер се среќаваат Лејкерси и Рокетси, како и Голден Стејт и Јута во римеч на ланското полуфинале на Западот.

3 comments October 30th, 2007

07-08 Привју: КЛИПЕРС - Бедни без Бренд

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
ЛОС АНЏЕЛЕС КЛИПЕРС

Сопственик: Доналд Стерлинг
Претседател: Енди Розер
Генерален менаџер: Елџин Бејлор
Арена: “Стејплс Центар”, отворена на 02.11.1999 год.
Капацитет: 20 000 гледачи
Вредност на клубот: 248 мил. долари (24. во лига)

Историја:
Сезони: 37
Плеј-оф пласмани: 7
Пласмани во финалето: /
Титули: /
Најдобра сезона: 1974-75 со скор 49-33

СЕЗОНА 2006-07:
40 победи и 42 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 95.6 (23.)
Примени поени: 96.1 (9.)
Шут од игра: 45.6% (19.)

Стрелец: Е.Бренд 20.5
Скокач: Е.Бренд 9.3
Асистент: Ш.Ливингстон 5.1

Дојдоа: Гиљермо Диаз и Ал Торнтон (драфт), Бревин Најт (Шарлот), Ден Дикау (Њујорк), Џош Пауел (Г.Стејт), Рубен Патерсон (Милвоки)
Заминаа: Вил Конрој, Даниел Јуинг и Џејмс Синглтон (сите во Европа), Џејсон Харт (Јута)

Прва петорка: (замени)
Сем Кесел (Б.Најт)
Катино Мобли (К.Рос)
Кори Магети (Т.Томас)
Рубен Патерсон (А.Торнтон)
Крис Кејмн (А.Вилијамс)
Тренер: Мајк Данливи

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Минатата сезона Клиперси немаа среќа и за само две средби не успеаја да стигнат до последното плеј-оф место на Западот за кое ги претркаа Вориорси. Тие имаа големи очекувања за новата сезона с$ додека во август Елтон Бренд не ја скина ахиловата тетива која ќе го одалечи од теренот најмалку до февруари идната година, а реално е таа пауза да биде и подолга. Во исто време со Бренд својот камбек се очекува да го направи и Шон Ливингстон кој во февруари годинава имаше сериозна повреда на коленото.
Лани Клиперси поради проблемите со повреди имаа дури 24 различни први петорки, нешто што со оглед на повредите на Бренд и Ливингстон, и години на Сем Кесел (38) секако ќе продолжи и оваа сезона. Малку надеж им дава рукито Ал Торнтон како и засилувањата Рубен Патерсон и Бревин Најт, додека се очекува и подобра сезона од Кори Магети.
Клиперси веројатно ќе се обидат да останат во игра за место во разигрувањето до февруари кога очекуваат да им се врати Бренд. Доколку до март не бидат дел од топ десет екипите на Западот, можеби ќе биде подобро да не брзаат со враќањето на Бренд и Ливингстон на теренот.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Со оглед на јачината на нивната конференција и поврдите на Бренд и Ливингстон, Клиперси се во крајно незгодна ситуација и тешко дека ќе можат да стигнат до едно од последните места кои водат во разигрувањето. Многу работи ќе зависат од тоа како тие ќе се снајдат без својата прва ѕвезда и како ќе ги надополнат 20-те поени и десет скокови на Бренд.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Што велат скаутите…
“Елтон Бренд е огромна загуба за нив. Тој е нивниот лидер кој ги вршеше сите валкани работи во рекетот. Неговата повреда ги врати чекор назад”…”Ќе мораат да ја рашират играта и да им дозволат да шутираат тројки на Мобли и Томас, со што ќе се отвори и простор за игра и за Магети и Кесел”…”Ќе им биде многу тешко да го изградат својот идентитет”…”Бревин Најт е искусен ветеран кој може да биде нивни прв плеј доколку пак се повреди Кесел”.


Ѕвезда

По своето доаѓање од Чикаго 2001 година Елтон Бренд стана заштитен знак на еден од наслабите тимови во лигата успевајќи 2005 год. да ги однесе Клиперси и до плеј-офот. Кога тој е на теренот, тоа е гарант за најмалку 20 поени и десет скокови за Клиперси секоја вечер. Иако лани имаше благ пад во формата, тој остана прво име на тимот кој без него ќе се изнамачи на силниот Запад.

Add comment October 30th, 2007

07-08 Привју: ГОЛДЕН СТЕЈТ - Аутсајдери но мор

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
ГОЛДЕН СТЕЈТ ВОРИОРС

Мнозински сопственик: Крис Коен
Претседател: Роберт Пауел
Генерален менаџер: Род Хигинс
Арена: “Арена ин Оукленд”, отворена на 01.11.1996 год.
Капацитет: 19 596 гледачи
Вредност на клубот: 243 мил. долари (26. во лига)

Историја:
Сезони: 62
Плеј-оф пласмани: 29
Пласмани во финалето: 6
Титули: три, последната 1975 година
Најдобра сезона: 1975-76 со скор 59-23

СЕЗОНА 2006-07:
42 победи и 40 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 2. рунда од Јута
Постигнати поени: 106.5 (2.)
Примени поени: 106.9 (30.)
Шут од игра: 46.3% (11.)

Стрелец: Б.Дејвис 20.1
Скокач: А.Биедринс 9.3
Асистент: Б.Дејвис 8.1


Дојдоа
: Марко Белинели и Стивен Ласме (драфт), Брендан Рајт (драфт - Шарлот), Остин Крошир (Далас), Трој Хадсон (Минесота), Коста Перовиќ (Европа), Пет Бурк (Феникс)
Заминаа: Џејсон Ричардсон (Шарлот), Адонал Фојл (Орландо), Шарунас Јасикевичиус (Европа), Џош Пауел (Клиперс)

Прва петорка: (замени)

Берон Дејвис (К.Азубуике)
Монтеј Елис (М.Белинели)
Стивен Џексон (М.Барнс)
Ал Херингтон (О.Крошир)
Андрис Биендринс (Б.Рајт)
Тренер: Дон Нелсон

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Последниот плеј-оф Голден Стејт и Вориорси на сите неутрални НБа фанови им го пружија задоволствотио да гледаат неверојатна кошарка, несвојствена за НБА, сон кој траеше с$ до полуфиналето на Западот и елиминацијата од Јута. Со тоа Вориорси го прекинаа најдолгиот плеј-оф пост во лигата и прерано ставија крај на сезоната на Далас од 67 победи.
Вориорси минатата сезона беа миленици на сите, но тешко дека оваа сезона ќе можат да изненадат многумина како што тоа беше случај лани. Тоа на ум го имаше и нивниот прв оперативец Крис Малин кој направи неколку интересни потези ова лето со кои малку го смени ликот на тимот.
Како прво, тој на денот на драфтот го испрати бекот Џејсон Ричардсон во Шарлот во размена за осмиот пик Брендан Рајт. Со убедување дека тимот има доволно бекови способни да поентираат во нападот, Малин го ангажираше Рајт поради неговата височина и атлетски квалитети, како и потенцијал да стане квалитетен крилен центар. На драфтот тој стигна и да го избере Марко Белинели, кој со својот одличен шут се вклопува одлично во шемите на Дон Нелсон. Малин исто така се погрижи во Оукленд да останат дефанзивецот Мет Барнс, како и Микаел Пјетрус, со кого преговорите и не одеа баш најдобро.
Сега Монтеј Елис е тој од кого се очекува да го заземе местото на Ричардсон, нешто за што младиот бек покажа дека е способен минатата сезона. Под кошот го имаат Биедринс, кој е осамен во скок играта со оглед на тоа дека нема соиграч во петорката повисок од 206 см.
Иако имаат квалитетен состав, за очекување е сезона во која Вориорси ќе се изнамачат да ги исполнат очекувањата.

Во плеј-оф ќе играат ако…
Доколку Берон Дејвис успее конечно да одигра една сезона без повреди, Вориорси се доволно квалитетни да бидат шести или седми на Западот. Сепак, конкуренцијата во нивната конференција како и секогаш е силна, така да секој мал кикс или пад во форма би можел да биде кобен за нив.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Што велат скаутите…
“Секогаш кога ќе загубите играч со просек од 20 поени, тоа е голем проблем. сигурен сум дека поените на Ричардсон можат да ги надокнадат некако, но неговото присуство ќе биде тешко да се замени”…”Белинели е доста талентиран во играта во напад, но е слаб дефанзивно. Тој се вклопува во системот на Нелсон и веројатно ќе има неколку големи партии. Сепак, не гледам како тој може навистина да им помогне за да отидат еден чекор подалеку”…”Последните четири места на Западот ќе бидат одлучени од повредите. Доколку Вориорси останат здрави, тие можат да се борат за место повисоко од осмото. Берон не бил здрав цела сезона веќе некое време, така да доколку тој не настапи на 15 средби, како што е и навикнат, тогаш тие како и лани ќе се борат за последните плеј-оф места”…”Ќе им помогне доколку нивните високи момци продолжат со својот напредок, но Нели многу и не ги игра таквите играчи”…”Брендан Рајт ќе им биде од корист со своите атлетски способности”…”Биедринс е совршен играч за системот на Нелсон”.

Ѕвезда
Во финишот на минатата сезона и во плеј-офот Берон Дејвис играше како МВП, носејќи ги на свој грб Вориорси во серијата со фаворитот Далас. Неговите 20 поени и осум асистенции во просек, кои во разигрувањето рипнаа на 25 поени му дадоа храброст да почне преговори со тимот за продолжување на актуелниот договор. Сепак, Малин се одлучи исполнувањето на таа желба на својот плеј да го одложи за година дена, со цел да види дали Берон конечно може да има сезона без повреди. Кога е здрав, Дејвис е еден од најдобрите и најексплозивните плејмјекери во лигата. Во тоа лани лично се увери Кириленко.

Add comment October 30th, 2007

07-08 Привју: САКРАМЕНТО - Биле некад (…или никад) Кингси

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
САКРАМЕНТО КИНГС

Сопственик: “Малуф Спортс енд Ентертејмент”
Претседател: Џеф Питри
Генерален менаџер: Џеф Питри
Арена: “Арко”, отворена на 08.11.1988 год.
Капацитет: 17 317 гледачи
Вредност на клубот: 345 мил. долари (13. во лига)

Историја:
Сезони: 59
Плеј-оф пласмани: 29
Пласмани во финалето: 1
Титули: една, во сезоната 1950-51
Најдобра сезона: 2001-02 со скор 61-21

СЕЗОНА 2006-07:
33 победи и 49 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 101.2 (8.)
Примени поени: 103.0 (24.)
Шут од игра: 45.0% (22.)

Стрелец: К.Мартин 20.2
Скокач: Р.Артест 6.5
Асистент: М.Биби 4.7

Дојдоа: Мајки Мур (Њу Џерси), Ориен Грин (Индијана), Спенсер Хос (драфт), Мустафа Шакур (недрафтуван)
Заминаа: Арон Меки (пензија), Витали Потапенко (слободен), Рони Прајс (Јута), Корлис Вилијамсон (пензија)

Прва петорка: (замени)
Мајк Биби (Џ.Салмонс)
Кевин Мартин (К.Дуби)
Рон Артест (Ф.Гарсија)
Кени Томас (Ш.Абдур-Рахим)
Бред Милер (М.Мур)
Тренер: Реџи Тиус

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
По одличната партија против Сан Антонио во 1. коло од плеј-офто 2006 год., минатата сезона беше враќање во реалноста за Кингси кои имаа бедна кампања завршена со скор од 33 победи и 49 порази.
Надеж за подобри денови носи смената на тренерот Ерик Маселман, кој никако не се снајде, со Реџи Тиус, кој прв пат седнува на клупата на еден НБА тим. Тиус е екс-играч кој сака Кингси да играат брза кошарка, но ни да не заборават на одбраната.
Дел од оптимизмот е новата ѕвезда на тимот Кевин Мартин, кој доби нов договор ова лето откако лани имаше одлична сезона со просек од преку 20 поени по средба и реализација од 45% од игра. Тие се засилија во рекетот со Мајки Мур и дебитантот Спенсер Хос кои би требале да му бидат од помош на Милер. Токму Милер и Биби лани имаа проблеми со повредите, но сега се целосно опоравени, а според изјавите Артест делува погладен од било кога.
Иако Кингси не се доволно квалитетни како тим за да им конкурираат на најсилните тимови на Западот, доколку одиграат како што можат, тие ќе им ги замрсат сметките на добар дел од екипите и до крај ќе бидат во борба за осмото место во конференцијата.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Разигрувањето делува далечно во овој момент за Кингси кои на сите ќе треба да им покажат дека се способни да се вратат меѓу подобрите тимови на Западот. Да беше само талентот доволен, тие со Биби и Мартин, кои можат да бидат еден од најдобрите бековски тандеми во лигата и Артест и Милер, ќе беа сигурни за разигрувањето. Вака, ќе треба да дадат с$ од себе за да се изборат барем за последното место на Западот.

Што велат скаутите…
“Мораа да му дадат богат договор на Мартин, затоа што двајцата најдобри играчи во тимот, Артест и Биби се неконстантни и нестабилни. Во таква ситуација најпостојаниот играч, а тоа е Кевин, ги добива парите”…”Доколку Биби и Артест играат како ол-стар играчи тогаш Кингси се многу добар тим”…”Тиус сигурно ќе игра брза кошарка, а слушнав дека сечија минутажа ќе биде определена од тоа каква одбрана ќе игра”…”Хос е добар стрелец, но во одбраната ќе има големи проблеми. Не знам дали може да издржи да ги одигра сите 82 средби”…”Тие се надеваат дека Дуби и Гарсија ќе им дадат квалитет од клупата”…”Ќе мора да се намачат за да стигнат до плеј-офот”

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Ѕвезда
По ужасната ланска сезона на Биби фокусот во Сакраменто, покрај кон Мартин се сврте и кон Рон Артест од кого сите очекуваат во новата сезона да заборави на инцидентите и конечно целосно да го реализира својот потенцијал. Кога е фокусиран на она што се случува на теренот, Артест е еден од најдобрите дефанзивци во лигата и секако најдобрата комбинација од квалитети на двата краја од теренот на еден играч. Доаѓањето на Тиус на клупата би требало да влиаје позитивно врз Рон, кој е решен конечно да се промовира во лидер на тимот. Потврда на тоа се и одбивањата на челниците да го трампаат и покрај многуте понуди.

Add comment October 30th, 2007

Previous Posts


Календар

October 2007
M T W T F S S
« Sep   Nov »
1234567
891011121314
15161718192021
22232425262728
293031  

Архива

Категории