Јоктур MVP
Реков во еден коментар на постот подоле дека ќе биде муабетот и за тоа дали Коби треба да биде МВП, па ај да си останам на збор. Пошто осеќам дека МВП муабетов за Коби (тука) само што не почнал да се тркала, еве неколку рендом ствари поврзани со еден став…(осеќам ќе има многу коментари:-).
Мразам да вадам историски факти, ама морам. Во сезоната 1961-62, Вилт Чембрлен имаше просек од 50.1 ПОЕНИ и 25.4 СКОКОВИ!!! Истата таа сезона, Оскар Робертсон, кој ја играше само втората сезона во НБА, имаше просек од 30.8 ПОЕНИ, 12.5 СКОКОВИ и 11.4 АСИСТЕНЦИИ!!!, нешто што никој после него не успеал ни да го помириса. Ни од далеку.
И кој беше МВП таа сезона?
Бил Расел. Со просекот од “само“ 18.9 поени и 23.6 скокови другите играчи низ лигата беа тие кои го прогласија за МВП. Бостон таа сезона ја заврши со најдобриот скор во лигата од 60-20 и во јуни по петти пат си стана шампион. Не дека Вориорси на Вилт беа слаба екипа (49-31) или па Ројалси на Биг О беа тоа (43-37). И двете екипи си беа втори во своите дивизии.
А и ова. Просекот на поени лани на Коби беше највисок од сезоната 1986-87 и Мајкл Џордан. МВП на таа сезона? Меџик Џонсон.
Но, МВП се повеќе од обични БРОЈКИ. Повеќе од тоа кој колку поени постигнал.
Кога Гарнет беше прогласен за МВП, тоа се случи во сезоната во која конечно успеа да ги мрдне Вулфси преку првата плеј-оф рунда. Бројките не му беа нешто многу подобри од претходните сезони, ама успехот на Минесота беше. (Иако мислам дека МВП на тој тим беше Сем Кесел, а не Кевин).
Да не бидам сфатен погрешно: Нема да ми смета Коби да ја освои својата прва МВП титула, исто како и кога тоа би се случило со Дирк или со третата на Нешти (иако мислам дека му се доста два). Но, за мене, а и за лигата од кога знам за себе, МВП значи нешто повеќе од обични бројки.
Што се однесува до Коби, имам напишано и порано, тој без конкуренција е најталентираниот играч на денешницата, еден од најголемите работници и веројатно еден од Топ 10 на сите времиња. (Mразам да правам листи).
Плус, Коби лани веројатно повеќе ја заслужи таа титула од оваа година, ама гласачите повеќе го ценеа успехот на Феникс без Амари цела сезона.
Но, она што можам да го видам тука по коментари, а и на доста други сајтови е дека Лејкерси би биле мизерни без Коби и дека тој е “најкорисниот“ играч за својата екипа. Да ги прашаме тогаш што би правеле бедниците во Кливленд без Леброн? Или Санси без Неш? Или па Мавси без Дирк, а Спарси без Данкан? Итн. со скоро секоја екипа во лигата чија игра е изградена на еден играч и концепт.
И не сакам да чујам маалски споредби од типот:
“Да бе пеер, па онда земи го Коби од Лејкерси и Дирк, Неш, Данкан итд. и смени им ги местата во нивните екипи и ќе видиш како ќе освојува титули со такви соиграчи“.
Тоа е најнереалното нешто што може да се каже.
Кој може да знае какви би биле Мавси, Спарси… со Коби во постава. Како прво, тие екипи целосно би требале да го сменат својот пристап и систем на игра. Тотално е нереално и некошаркарски да се размислува на тој начин.
Реалноста во овој момент е дека Далас е најдобриот тим во лигата, а Дирк е нивниот најдобар играч. И баш Дирк, исто како и Коби, и како секој друг голем играч, минатото лето работеше на својата игра и реши да направи се за да го заборави дебаклот од финалето со Мајами. Новицки сезонава ја игра најдобрата кошарка во својата кариера, а тоа се префрла и на Далас.
Малку зад него е Стив Неш со Феникс, а Коби сигурно би можел да биде спомнуван како трет во овој муабет. Пред Леброн, иако и тој мука мучи со бедници во Кливленд. Коби барем има задоволство да работи со најголемиот тренер на денешницата, а веројатно и сите времиња, во Фил Џексон, додека Леброн мора да трпи некој како Мајк Браун, кој не може да му се фати ни за малото прсте на Зенот.
Не викам дека Коби не е корисен, далеку од тоа. Но, ни не викам дека е најкорисен за својата екипа и дека е најлогичен МВП избор оваа сезона. Па и Лејкерси да добијат поголем дел од средбите до крајот на сезоната тоа нема да се смени.
Исто така, сретнав некаде дека Коби е оној за кој најмногу се пишува и оној кој креира најголем профит за лигата и дека тоа е доволна причина да биде избран за МВП. Па, тогаш Мајкл Џордан скоро цела кариера ќе требаше да биде МВП, исто како и Шек.
Кога би бирал кој играч би сакал да ме спасува во последите секунди, тоа би бил Кобстерот, а и некои од другите момци би дошле во предвид.
Е сеа, кога лигата би почнала да дава скроз нова награда за најдобриот играч во лигата, не би му ја мислел многу и одма би му ја дал на Коби. Не само за оваа, туку и за минатата сезона. Регуларна, нормално.
За се друго, како што напишав во еден коментар подолу, Коби ќе мора Лејкерси да ги одржи во живот се до јуни. Па и тој следната година, па тој после неа…итн…
PS: Да нема забуна, сите ние сме сведоци на нешто што се случува еднаш во мнооогу години и треба да бидеме благодарни за тоа. Посебно на Коби кој ни го овозможи тоа. Со ова имаме уште една ствар која ќе можеме да им ја раскажуваме на внуците…Замислете дедо ви да ја имал таа можност да ги гледа Вилт, Вест, Бејлор, Кузи, Расел…
32 comments March 26th, 2007


