Лактоза
Гледам по разни сајтови и блогови секој си го кажува својот став за суспензијата од еден меч за Коби за лактањето на Јариќ. Тоа посебно е случај откако синоќа за Ел-Еј Тајмс, Коби даде мини-интервју во кое одлуката на НБА да го казни ја нарече “чиста глупост“, “потег со кој НБА челниците сакаат од него да направат пример“ и “потег кој е удар на неговиот имиџ и го прави валкан играч“.
Што се однесува до првото, не мислам дека е глупост, посебно ако нешто исто, а е неспортско и ти се повторува два пати во месец и пол. Движењето со кое Коби го раскрвари прво Ману, а сега скоро му пукна нос на син му на Среќко, не е кошаркарско движење и мислам дека глупоста тоа да го повторуваш кога знаеш дека последниот пат за истото доби суспензија.
За второто, стварно не знам дали тоа им е целта, ама искрено се сомневам. Ипак Коби е еден од симболите на денешна НБА, а чичко Стерн и компанија многу добро знаат што е најважно за бизнисот и на никој начин не би си го оцрнувале производот кој така добро се продава.
За задњето, не верувам дека Коби е валкан т.е. прљав играч. И не верувам дека тоа со Ману и Јариќ е нешто што го прави намерно. Барем не со таа намера да повреди некого. Во лигата има некои други фаци кои играат прљаво и сакаат да повредат и удрат кога се во ситуација, но Коби не е еден од нив. Секој знае да удри по некој лакт, ама тоа тука не е муабетот.
Но, намера има, а тоа е, како многу други големи играчи како него, да навлече на себе играч и да изнуди фаул и две или три слободни. Коби е многу добар во тоа, ама некогаш знае да забега. Тоа со Ману и Марко е чист пример за неуспешен обид да наместиш некого на фаул со претерано глумење контакт.
Така, Коби е виновен, но за тоа што е подготвен да направи скоро се што е дозволено да победи. Некогаш ќе ти појде од рака, ама некогаш и ќе ја поминеш тенката граница меѓу тоа што смееш и не смееш.
Коби требаше да знае подобро дека тоа што го направи во Минесота е нешто што веќе не смее да го прави. Но, тоа не го прави прљав како што е еден Брус Боувен.
Само уште да научи да си гледа пред себе после секоја казна и не да се врти назад и да ги коментира одлуките за нешто за што би требал да знае дека згрешил.
27 comments March 9th, 2007

