Archive for February, 2007
Не стигнав вчера да чкртнам нешто за 25 000 поени во кариерата на Шек. Но, што и да напишам не може да каже колку што може еден добар микс клип. Ако добра слика вреди 1000 зборови, тогаш клип како овој сигурно вреди најмалку 25 000 зборови. Таман за 25 000 поени на “Најдоминантниот на сите времиња” (барем од оние во модерно време и кои ги имам гледано). Уживајте…
ПС: Во текот на Ол-Старот во Вегас, гледајќи го Шек само една страв ми помина низ глава. Што ќе се случи кога Дизелот ќе одлучи да се пензионира? Не зборувам за тоа дали некој ќе го наследи од играчки аспект, иако и тоа е невозможно. Прашањето е дали ќе се најде некој да го замени од аспект на личност, на шоумен, на некој кој долго време е симбол на лигата и единствен кој во целост го сфаќа бизнис концептот на НБА и тоа дека играчите и ѕвездите ја играат оваа игра за да не забавуваат сите нас. А не себеси.
February 28th, 2007
Јас и Шеп уште првата секунда по трејдот на Френсис од Орландо во Њујорк, тоа го оценивме како пропаст. Но, кој не слуша нас.
Сега по се изгледа Стиви ќе стане само уште еден во низата играчи на Њујорк (Мутомбо, Џ.Роуз, Mo Тејлор…) кои ја имале таа чест да им биде откупен договорот според кој заработувале колку што е и буџетот на некоја банана република, како нашава.
Но, тоа не е мој проблем. Она што мене не ми е јасно е - Како е можно еден играч за толку кратко време да падне толку ниско?
Мислам, не зборуваме за некој кој имал само една-две добри сезони во лигата, па потпишал дебел договор на превара. Не случајно прекарот на Стиви му беше Френчајз, а кога играше во Рокетси беше еден од најкомплетните комбо бекови во лигата, често со просек од преку 20 поени и над пет скокови и асистенции.
Јасно на сите им беше дека Орландо е оштетен со трампата во која го пратија Мекгрејди во Хјустон за Стиви, неговиот најдобар другар Мобли и Келвин Кејто, но Ти-Мек си бараше трејд, а во таква ситуација е многу тешко да се најде тамам компензација преку трејд. Видете ги само Сиксерси сезонава со Ајверсон, или Лејкерси со Шек пред некое лето.
Мене Стиви, барем до последната сезона во Хјустон, ми беше еден од поомилените НБА играчи. Не само поради тоа што можеше буквално се да направи на теренот, него и поради тоа што редовно беше некако во сенка на другите, попознати фаци од поголемите клубови. Некако ми беше аутсајдер во секоја приказна, а тие, нели, секогаш се попривлечни да се навива за нив.
Арно ама, уште во првиот момент кога Френсис почна да отсуствува од утакмиците на Рокетси поради неразјаснети причини, а во секој извештај беше наведувано дека причината се главоболки - знаев дека има нешто. После тоа се испостави дека Стиви навистина имал проблеми со мигрена, но и дека одбивал да биде третиран од тимските лекари. Тоа само уште повеќе го направи сомнителен за сите во Хјустон. Тоа и неможноста никако да ги издигне Рокетси над првата рунда, иако рака на срце, имаше феноменален просек од некои 29, 7, и 9 (мислам) во онаа серија со Лејкерси пред три години.
Кога па уште изјави дека ако го трампаат другар му Мобли тој не би сакал да остане во Хјустон, тука почнаа сите приказни дека момакот не е сериозен. Да не зборувам за оние злобните во кои се трачаше дека можеби се и нешто повеќе од само другарчиња со Катино.
Бидна трејдот на Флорида и во првата сезона Стиви беше доста добар. Но, само што уследи втората сезона во Орландо почнаа проблемите. Да не спомнувам и дека и се налути на управата на клубот кога го трампаа Катино?!?!?
Тука некаде падот на Френсис започнува, а кулминира со трејдот во Никси - рупата за играчи како него. Во немилост на Браун, миленик на Ајзеа и сосема разбирливо со оглед на тоа каква улога имал во клубовите во кои играл порано, неспособен да се навикне на Никси. Нешто на што не може да му се замери со оглед дека таму тешко дека некој може да се вклопи.
Оваа година Френсис е повеќе дух, отколки НБА играч. И тоа што го изигра како да не го изигра. Никој не го видел, ни приметил. Сега веројатно следува и откуп и подолг период без клуб, затоа што со повредено колено тешко дека некој ќе го поптише.
Јас искрено, сакам да го видам стартиот Френчајз, ама ни еден играч не успеал да застане на нозе после чистилиштето наречено Њујорк. Да се надеваме дека тој ќе биде исклучок.
February 27th, 2007
Последен поздрав…
February 26th, 2007
Детроит-Чикаго ја гледав многу помалку од Мајами-Кливленд, но она што се случуваше таму ич не ме изненади. Можеби очекував малку покомотна победа на Пистонси, но освен тоа се си беше на место.
Така и потврдата уште еднаш пред цел свет за тоа колку преценет играч е Бен Волас, нешто што не мора многу да му се објаснува на било кого што се разбира во кошарка. Камо да имаше некој да им објасни на Џон Пексон и Скот Скајлс. Сепак, свака му част на Пексон што за многу помалку пари успеа да си најде играч кој е многу пинтелигентен од Бен во ветеранот Пи-Џеј Браун.
Тој цела кариера е потценет, а да ја имаше таа среќа последниве пет-шест години да игра за тим кој би се борел за титулата, веројатно ќе ја имаше и таа среќа да спие на некој милион повеќе како Бен. Не дека не го бараа, го сакаа и шампионските Лејкерси, и Грег Поповиќ во Аламо, Рајли во Мајами, па едно време го сакаа и во Детроит.
Тоа уствари и само ми фати око од дербито на Истокот.
Второто дерби на Истокот го изгледав во целост и во него Мајами и Шек покажаа дека не треба да се брза со нивно отпишување. Без Вејд сигурно нема пак да бидат шампиони, ама старците вчера со Кавси покажаа дека има уште баскет во нив. Како и знаење како да се победи во утакмица која не ја играте баш најдобро. Шек уште е фактор, а кога како вчера и другите околу него играат, тогаш Мајами барем не треба да се плаши да не се пласира во плеј-офот. За таму, ќе им треба и Вејд за нешто плус.
Кавси уште еднаш по кој знае кој пат сезонава ми го потврдија мислењето дека се еден од најнепредвидливите и најмистични тимови. Заедно веројатно со Индијана, Кингси и Клиперси. Иако Мајами го немаше Вејд, Кавси дозволија Рајли цело време да ја наметнува својата игра, а освен Леброн и на моменти Хјуз, сите други беа добро затворени во одбраната. А и не се трудеа нешто многу да му помогнат на Брон. На се тоа се додава Мајк Браун, кој уште не можам да го скопчам како тренер.
Амари и Санси сосема очекувано си се прошетаа низ Атланта и им вратија на Хоукси за поразот во Аризона. Сепак, главен детаљ беа дресовите на Хоукси, реплика на оние во кои задњи пут нешто значеа нешто во лигата. Како и добрата игра на Ентони Џонсон, кој малце ги стабилизира на плеј.
February 26th, 2007
На страна несериозноста на Владимир Радмановиќ да ги лаже Фил Џексон и Лејкерси како се поврдил минатиот викенд.
На страна тоа што Лејкерси буквално го плаќаат да не изведува глупости како сноубординг и сл. екстремни спортови додека е нивни член.
Влад е пљукнат Серпико. Оние малку повозрасните посебно знаат кој е Серпико и кој го глумеше.
Марсел Мутони, кој е дел и од СЛЕМ и од НБА Фанхаус-от на АОЛ, прв ги примети сличностите. Свака част.
February 24th, 2007
Во неполни година дена Бостон загуби две свои легенди. По, до некаде очекуваното заминување на Ред Оербах, на 52 години почина Денис Џонсон, дел од оние страшни тимови на Селтикси од 80-те. Моите сеќавања на Ди-Џеј се некако низ магла, затоа што со НБА почнав да се дружам кон крајот на таа деценија, кога Ди-Џеј веќе не беше дел од Бостон, а ни НБА, барем не како играч.
Од она што ми кажувале, што сум го гледал како ретро и што сум читал за човекот, станува збор за играч кој беше еден од пионирите кога станува збор за бекови со специјалност игра во одбрана. Плус, заедно со Лери, Кевин и Роберт, главен дел од шампионските тимови на Селтикси во 80-те.
Еве некој кој многу подобро знае од мене на тема Ди-Џеј.
Плус, еве и галерија од Денис.
Лесна ти земја, Денисе
February 23rd, 2007
Таман кога Мајами конечно се комплетираше сезонава, ги удри нов малер. И тоа најголемиот сезонава. Двејн Вејд во еден дуел со Батие во поразот во Хјустон го повреди рамото и сега најверојатно ќе го нема некои 6 недели. Тоа значи дека евентуaлниот камбек би му бил во април на две недели до крајот на сезоната, а тогаш може да биде и предоцна за пак да го спаси Мајами.
Сега Залижаниот и Шек, како и остатокот од Геријатријата на Флорида ќе мораат да покажат дека шампионот не е само Вејд. Тешко нив.
February 22nd, 2007
Previous Posts