Одлуката
Леброн ќе оди во Мајами, со Вејд и Бош. Ќе биде забавно.

5 comments July 9th, 2010
Знам, Леброн, и ние сме зачудени
Вечерва, во живо на ЕСПН ќе оди преносот од падот на најголемото домино ова лето на пазарот на слободни играчи. По Џо (Хоукс), Амари (Никс), Вејд (Мајами), Бош (Мајами) и Бузер (Чикаго), редот му дојде на Лебронтије Први Џејмс да каже, конечно, што дрес ќе носи следната сезона (покрај она што веќе го знаеме, дека ќе биде со тазе број – 6).
Со оглед на тоа дека никој од нас не знае што ќе се деси, а и со оглед на тоа што во последниве 24 часа доаѓа од САД и од луѓе блиски до Леброн, преку ноќ прва опција станал – Мајами! Ниту неговите Кавси, ниту секогаш со него поврзуваните Никси, ниту пак Нетси на милијаредорот Прокхоров и другарот на Џејмс, Џеј-Зи.
Без многу тупење, барем додека не дознаеме навистина во кој клуб ќе игра следната сезона, МакНБА ќе се труди да ги избегне сите шпекулации од кои ќе врие во последните неколку часа до ОДЛУКАТА. Едно е сигурно, а тоа е дека доколку навистина Леброн заврши во Мајами тогаш желбата за титула е она што го води напред, но и ќе мора да се прекине и со оној негов прекар кој нема врска со неговата позиција, остварувања и со НБА тронот.
Повеќе ќе ми личи него и Бош да ги викаме Miami Vice. Зошто знаеме кој е главната фаца во Мајами.
3 comments July 8th, 2010
Вејд и Бош одлучија да не бидат заложници на LeBron TV и пред фарсата на Џејмс да кулминира решија на светот да му ја соопштат заедничката одлука. Двејн останува на Флорида, а неговио “Робин“ ќе биде токму Бош.
Останува да се види дали Бош директно ќе потпише за Мајами или пак ќе има потпис-трејд, нешто што би го сакале во Торонто. Исто така останува да се види како Мајами ќе го закрпи остатокот од тимот, со оглед на тоа дека сега нема доволно играчи ни за да состави една петорка.
Повеќе за ова во следните неколку дена.
1 comment July 7th, 2010
Кога Кавси испаднаа во втората рунда по лекцијата од ветераните на Бостон (+Рондо) на МакНБА кажав дека нема да се зборува за Лебронтије или за било кој друг играч кој ќе биде слободен ова лето се додека не го добиеме новиот (стар) шампион. Пред се од почит кон оние кои беа навистини битни во тој момент и кои се уште играа кошарка, додека некои други, многу поизвикани и поприсутни низ медиумите се пакуваа за на годишен и за по риба.
Нормално, дел од медиумите покрај плејофот, остана фокусиран и на ѕвездите кои месец-два подоцна во неизвесност го држат поголемиот дел од НБА фановите. Посебно тие од градовите кои до сега беа нивни и оние кои се надеваат дека ќе станат нивни спасители.
Медиумот кој предњачеше во целото создавање фама околу Леброн, Вејд и Бош, пред се, е медиумот кој мене лично поради таквиот сензационалистички пристап секогаш ми бил медиум од втор ред. Круната на својата таква позиција ЕСПН веројатно ќе ја стави утревечер кога на нивниот ТВ канал Леброн ќе ја објави својата конечна одлука. Останува или си заминува од Кливленд. По must-see TV момент ова лето нема да имаме, а ваквиот настан во целост ја оправдува и нашата категорија “Бит-Пазар Лето 2010“. Во негативен смисол.
Токму таков е и поголемиот број на коментари од страна на американските медиуми поврзани со ова (нормално, со исклучок на ЕСПН) кои ги критикуваат и Леброн и дотичниот медиум за манипулирање со фановите.
Доколку ова било однапред испланирано, што мајка требаше Леброн понеделник, па потоа среда да ги означува како D Day? Во тоа имаше подршка од ЕСПН кои ја пумпаа целава работа се до експлозијата која се очекува утревечер. Некои тоа ќе го наречат добар маркетинг, но за повеќето тоа е чисто фарбање и поигрување со емоциите на добар дел од НБА фановите.
Први на таа листа се фановите на Кавси, кои најмногу стрепат во овој момент, но и тие на Никси, Нетси, Булси и донекаде Мајами, кои се заложници на целава ситуација во која се чека да падне првото домино. А страната на која тоа ќе падне може во голема мерка да ја определи иднината на сите спомнати клубови.
И не е Лебронтије, за кого се вели дека се мисли меѓу Кавси, Нетси и Никси, сам во оваа шарада. Тука се и Вејд, кој као го сака Мајами, ама ако не му го донесат барем Бош, озбилен е во намерата да се врати дома во Чикаго, како и Бош, кој не се враќа во Канада, но не сака ни кај Леброн во Кливленд. Би сакал заедно со Вејд, ама не знае дали во Мајами или пак Чикаго или Њу Џерси.
Сево ова не може, а да не се гледа со доза на иронија и потсмев, а и се ќе се разјасни во следниве два-три дена по што ќе знаеме дали некој само манипулирал со НБА фановите или навистина не знаел каква одлука да донесе до последен миг.
PS: Вчера Леброн се приклучи на Твитер, на кој веќе одамна висат голем број НБА играчи, а и го презентираше својот сајт. Тој порано изјавуваше дека го нема на ниедна социјална мрежа, ни на нет, затоа што нема време за тоа, а и затоа што поради прескокнувањето на колеџот ја скокнал и таа фаза во својата младост. Тоа, во комбинација со LeBron TV утревечер, е знак дека станува збор за некој нов, сменет Леброн.
Дали тоа ќе значи и нов дрес и клуб за него, ќе дознаеме набргу.
2 comments July 7th, 2010
Типот се сретна со сите шест тимови кои би сакале да го видат во својот дрес (од кои пет се реални кандидати) и имаше најавено дека до понеделник, односно утре, ќе ја донесе својата конечна одлука околу тоа дали останува во Кливленд или пак ќе се пакува во некој друг тим од Источната конференција.
Но, било премногу да се очекува навистина да ја чуеме неговата одлука утре. Кавси, Булси, Мајами, Никси, Нетси и Клиперс ги имаа своите кој саат, кој три саати со Леброн и сега на него е да ја донесе одлуката која ја смета за најумна.
Дали ќе се раководи само од алчноста за пари, дали ќе му биде лојален на Кливленд, ќе сака ли да игра во град кој не е негов, ќе му се подреди ли на новиот тим целосно, ќе работи ли со тренер кој ќе го извади максимумот од него, му треба повеќе ол-стар висок играч или пак ол-стар плеј покрај него или пак ќе го избере само тимот со кој има најмногу шанси да стане шампион?
Многу прашања на кои ни самиот тој во моментов верувам не го знае одговорот. Токму поради мислам дека утрешниот ден нема да биде тој кој ќе се памети во историјата на НБА.
Јасно е дека Леброн е главната фигура според која ќе се формира целиот пазар ова лето. Вејд би сакал да го види во Мајами, но не верувам дека Леброн сака да оди таму. Не поради Двејн, туку поради тоа што Мајами е градот каде што владее Вејд и тој таму нема да биде Крал туку ќе биде само поданик на кралот.
Никси и Нетси се интересни, но не се знае ни тие кои други играчи ќе ги донесат ова лето. Нетси пак, се во предност затоа што имаа подобри млади играчи, Џеј-Зи и страшно кул газда.
Чикаго е предизвик за секого, а и има потенцијал да ги има најдобрите стартни пет следната сезона, но сенката на Мајкл, како и сличноста на играчите кои се комбинираат (без силни шутери) сепак го тера на размислување Брон.
А она што најинтересно во целата ситуација е смиреноста и тајноста во која Леброн ги врши овие состаноци и воопшто се однесува додека сите околу него шпекулираат. Па и Бош, Вејд, Амари итн, даваат еден куп изјави, твитаат и зборуваат за својата иднина, се гледаат едни со други и договораат, но главниот играч како да не сака многу да издава за своите планови. Веројатно затоа што и нему му е најтешко. Не финансиски, разбира се.
ПС: Клиперси не ги сметам за било какви играчи во оваа приказна. Додека другите состаноци траеа по два-три часа, тој на Клиперси едвај траеше 60 минути и на него немаше ниедно познато име. Смешката од организација нема ни тренер, ни прв оперативец, а ни газдата Стерлинг не беше дел од делегацијата.
1 comment July 4th, 2010
На старт мислев да ставам пост со сите нови шпекулации во врска со Леброн и неговите состаноци со Нетси и Никси вчера на кои двата тима му ги презентираа причините зошто треба да стане нивниот Месија. Но, налетав на GetLebron.com, кој одлично се занимава со сето она што го спомнав малку погоре.
Така, новост е Бајрон Скот како тренер на Кавси. Нешто што може да биде прв чекор кон останувањето на Леброн во Охајо. Самиот тој имаше дадено изјава дека сака да има тренер кој е бивш, успешен играч. Некој кој има авторитет, и кај играчите и кај судиите, а Скот влегува во таквиот опис. Со исклучок на неуспехот во последната година во Њу Орлеанс, Скот се има докажано како добар, комплетен тренер.
Кога слушнав за Скот во Кливленд, прво што ми падна на ум е Крис Пол. Момакот веќе изјави дека нема ништо против трејд и дека би сакал да игра за победнички тим кој ќе конкурира за титула. Плус, пред некои десетина дена се појави шпекулација дека Леброн и Пол би сакале да играат заедно, а не смее да се занемари податокот дека Скот ужива голема почит во очите на Пол и важи за негов омилен НБА тренер во досегашната кариера.
Секако дека евентуален трејд на Пол во Кливленд би бил комплициран за договарање, но Кавси имаат доволно играчи да понудат за совпаѓање на договорите. Од друга страна, ако веќе го трампаат, мислам дека Хорнетси ќе сакаат да добијат нешто повеќе од тоа што може да го понуди Кливленд. Лично би сакал да заврши во Атланта, но тоа е само фантазија.
Доколку сепак успеат да го донесат Пол во следните неколку дена, тогаш сигурно е останувањето на Леброн дома. Според некои за успех на Леброн му е потребен крилен центар или центар, додека други сметаат дека му е потребен плеј кој би го ослободил од организацијата на играта. Пол е токму тоа, па и повеќе.
По средбите со Нетси и Никси, кои беа задоволни од состаноците, денес на ред се Мајами и Клиперси, а турнејата завршува со Булси и Кавси. Џеј-Зи и Прокхоров убаво се дружеле со Џејмс вчера, а и Долан, Д’Антони и Волш се оптимисти по нивната средба. Токму тие два тима, според мене, заедно со Кливленд, се главните кандидати за потписот на Леброн.
Во Чикаго, и покрај перспективниот ростер, многу е дебела сенката од статуата на Мајкл Џордан, додека во Мајами веќе пече сонцето на Двејн Вејд, а се чини и дека Бош е на пат за Флорида. Не верувам дека Леброн би сакал да биде десната рака на Вејд, зошто сепак тоа е градот на Двејн.
И кога веќе ги спомнав Нетси и Никси, првите почнаа со екстра реметење во режија на самиот Прокхоров со местење на џиновски билборд веднаш спроти Медисон Сквер Гарден, а потоа и со целосно спонзорирање на страната на New York Post. Реметење Рашн стајл.
1 comment July 2nd, 2010
Според менаџер, кој сака да остане анонимен Крис Бош е многу блиску да стане нов соиграч на Двејн Вејд. Нормално, сме слушале, слушаме и понатаму често ќе слушаме како главен дел од секоја шпекулација “од анонимен, но проверен извор“, но во оваа ситуација мислам дека тој извор е многу јасен. И јавен.
Станува збор за Хенри Томас, кој е менаџер, пази сеа, и на Бош и на Вејд. Како поинаку некој “анонимен, но проверен извор“ би имал инсајдерска информација за иднината на Бош, која као случајно, е поврзана со премин во тимот на Вејд. Башка, менаџер е човекот.
Но, настрана тоа, ваквиот развој на настаните би можел да значи старт на домино летото во кое една по друга ќе паѓаат плочките и ќе се расчистува сега ептен матната ситуација. Нормално, се додека не се појави на презентација во Мајами, Бош нема да биде играч на Хит, а во моментов не е баш ни јасна иднината на Вејд. Сепак, со оглед на сериозноста на Рајли и сопственикот на Мајами, како и самиот драж на градот со секогаш топло време (меѓу другото), најверојатно е останувањето на Двејн таму.
Е сега, со потпис-трејд за Бош, Мајами, со цел да ослободи плус место во селари-капот, ќе гледа да се ослободи од Мајкл Бизли, Марио Чалмерс и Џоел Ентони. Првиот, иако до сега не ги исполни прогнозите, има само 21 година и е практично на старт на кариерата. Момакот е страшен талент кој мора да созрее, пред се ментално со многу работа со него. Мислам дека во Торонто би сакале да добијат таков потенцијал за возврат кога веќе е сигурно дека го губат Бош.
Ова сигурно не е последната информација поврзана со Мајами и нивната потера по две големи ѕвезди кои би му ги донеле на подарок на Вејд.Се уште во игра се Амари и Бузер, доколку не успеат со Бош, како и помалку веројатната, но секако одлична варијанта – Дирк Новицки.
Секако дека најголемата награда, поголема и од таа да се има Вејд во тимот, е Леброн, сон кој пак го сонуваат уште неколку тима интензивно, а се обидуваат да го задржат и во Кливленд со цел да не им се претвори во ноќна мора.
Од страна, но секако не во инфериорна позиција, целата ситуација ја следат Њујорк, Чикаго и Њу Џерси, кои си имаат свој план на дејствување и кои си имаат свои предности кои сметаат дека ќе бидат доволни да се добие бингото ова лето.
Add comment June 30th, 2010
| M | T | W | T | F | S | S |
|---|---|---|---|---|---|---|
| « Jun | ||||||
| 1 | 2 | 3 | 4 | |||
| 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 |
| 12 | 13 | 14 | 15 | 16 | 17 | 18 |
| 19 | 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 |
| 26 | 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | |