Posts filed under 'Најави 2007-08'

07-08 Привју: САН АНТОНИО - Династија?

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА SOUTHWEST
САН АНТОНИО СПАРС

Сопственик: Питер Холт
Претседател: Џон Дилер
Генерален менаџер: Ар-Си Бјуфорд
Арена: “АТ енд Т центар”, отворена на 18.10.2002 год.
Капацитет: 18 500 гледачи
Вредност на клубот: 350 мил. долари (12. во лига)

Историја:
Сезони: 29
Плеј-оф пласмани: 25
Пласмани во финалето: 4
Титули: четири, последната 2007 год.
Најдобра сезона: 2005-06 со скор 63-19

СЕЗОНА 2006-07:
58 победи и 24 порази
Плеј-оф: Шампиони по победата од 4-0 над Кливленд во големото финале
Постигнати поени: 98.5 (14.)
Примени поени: 90.1 (1.)
Шут од игра: 47.4% (2.)

Стрелец: Т.Данкан 20.0
Скокач: Т.Данкан 10.6
Асистент: Т.Паркер 5.5

Дојдоа: Име Удока (Портланд), Маркус Вилијамс (драфт), Иан Махинми (Европа)
Заминаа: Џеки Батлер (Хјустон), Мелвин Илај (Њу Орлеанс)

Прва петорка: (замени)
Тони Паркер (Ж.Вон)
Мајкл Финли (М.Џинобили)
Брус Боувен (И.Удока)
Тим Данкан (Р.Хори)
Фабрисио Оберто (Ф.Елсон)
Тренер: Грег Попович

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Тие се актуелните шампиони и тоа кажува с$. Изминатото лето Спарси прослави уште една титула со триумфална парада низ својот Сан Антонио по “метлата” над Кливленд во големото финале од чисти 4-0. Веднаш по освојувањето на нивната четврта титула во последните девет години Спарси ги отфрлија сите написи дека тие се новата НБА династија, прашање што подели добар дел од новинарите. Причина за тоа е фактот дека тие до сега никогаш не ја одбраниле освоената титула, што ја прави многу јасна нивната цел во новата сезона.
Факт е дека Сан Антонио има тим со кој уште некое време ќе биде фаворит за титулата, а оваа сезона тие во составот ќе имаат 12 од 15-те играчи со кои ја освоија последната титула. Нормално, најбитни од нив се Тим Данкан, МВП. на финалето - Тони Паркер и Ману Џинобили, нивното големо трио кое според резултатите е и најголемо во НБА во моментов. И сите тројца се под договор до 2010 година.
Во прилог им оди тоа што Паркер има само 25 години и од година во година напредува во секој сегмент од играта. Џинобили е еден од најнезгодните играчи за чување во лигата, додека не треба да се трошат зборови за Данкан.
Важен дел од ротацијата се и Оберто, Финли, Бери, Елсон и Вон, а покрај нив, тука е и седумкратниот шампион Роберт Хори кого го убедија за уште една сезона. Летово единствено поважно име стана Име Удока, кој ќе го одмара Боувен.

Во плеј-оф ќе играат ако…
Плеј-офот уште сега им е загарантиран, а може да им избега само доколку сериозно се повредат Данкан, Паркер и Џинобили.
Иако тимот полн со ветерани би бил причина за загриженост за многумина, тоа не е случај со Спарси кои и лани беа највозрасниот тим во лигата со просечна возраст од 30.37 години. Тие со право се најголемите фаворити за освојување на уште една титула со која би го потврдиле статусот на династија.

Што велат скаутите…
“Тие се во точка во која годините почнуваат да стануваат битен фактор”…”Кога имате таков ветерански тим, може да имате проблеми со повредата на секој од тие играчи, затоа што тие со во години во кои нивните тела почнуваат с$ почесто да закажуваат. Тоа би можело да биде клучно за нив”…”Данкан е мотивиран од тоа да се биде најдобар. Тој многу пати до сега докажа дека е еден од најдобрите играчи на сите времиња. Тој и Попович ги издигнаа Спарси на сосема ново ниво. Лично, не мислев дека Тим ќе може да освои титула без Дејвид Робинсон, но тој освои две без него. Тоа покажува колку е голем играч”…”Има некои сличности помеѓу Боувен и Удока, но вистината е дека тие се опседнати со пронаоѓањето на новиот Боувен. Менталитетот на Брус е невиден и тоа е тешко да се замени. Тоа ви е како да барате нов Скоти Пипен. Тешко се наоѓа уште еден таков играч”.

Ѕвезда
Без сомнеж Тим Данкан е срцето на овој тим околу кој тој е изграден и од кого зависи секој успех на Спарси. Деветкратен ол-стар, десет пати член на најдобриот дефанзивен тим, двократен МВП и трикратен МВП на финалето. Сето тоа и уште многу стои во резимето на Данкан кој дефинитвно е најдобриот крилен центар во својата генерација кого со право го сметаат и за еден од најдобрите на сите времиња на таа позиција. Покрај неговиот голем кошаркарски талент и работна етика, големо оружје на Тим е и неговата ментална цврстина и неговото лидерство на чуден, тивок начин. Она што го прави уште поголем е неговата приземјеност и незапаѓање во клишеата типични за добар дел од НБА ѕвездите на денешницата.

3 comments November 5th, 2007

07-08 Привју: ДАЛАС - Ту би ор нот ту би

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА SOUTHWESТ
ДАЛАС МАВЕРИКС

Сопственик: Марк Кјубан
Претседател: Тердема Јусери
Генерален менаџер: Дони Нелсон
Арена: “Американ Ерлајнс Центар”, отворена на 27.07.2001 год.
Капацитет: 19 200 гледачи
Вредност на клубот: 403 мил. долари (5. во лига)

Историја:
Сезони: 27
Плеј-оф пласмани: 12
Пласмани во финалето: 1
Титули: /
Најдобра сезона: 2006-07 со скор 67-15

СЕЗОНА 2006-07:
67 победи и 15 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 1. коло од Голден Стејт
Постигнати поени: 100.0 (9.)
Примени поени: 92.8 (4.)
Шут од игра: 46.7 (5.)

Стрелец: Д.Новицки 24.6
Скокач: Д.Новицки 8.9
Асистент: Џ.Тери 5.2

Дојдоа: Еди Џонс (Мајами), Брендон Бас (Њу Орлеанс), Ник Фазикас (драфт), Џуан Хауард (слободен - Минесота)
Заминаа: Остин Крошир (Г.Стејт), Попс Менса-Бонсу и Ди-Џеј Илунга-Мбенга (слободни)

Прва петорка: (замени)
Девин Херис (Х.Бареа)
Џејсон Тери (Е.Џонс)
Џош Хауард (Џ.Стекхаус)
Дирк Новицки (Б.Бас)
Ерик Дампие (Д.Диоп)
Тренер: Ејвори Џонсон

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Во Далас секако дека ќе сакаат во новата сезона да се покажат во вистинско светло по срамната елиминација од страна на Вориорси во првото плеј-оф коло откако претходно остварија највисоки во клупската историја 67 победи. Тие ја имаа таа чест да станат само третиот прворангиран тим кој бил исфрлен од осморангиран во историјата на НБА плеј-офот.

И покрај големото разочарување фановите на Мавси имаат доста причини да бидат возбудени пред новата сезона. Лани седмипат по ред тие стигнаа до најмалку 50 победи, а актуелниот МВП Дирк Новицки продолжува со својот постојан напредок како играч. Летото беше невообичаено тивко за нивниот “газда” Марк Кјубан, кој единствено го донесе ветеранот Еди Џонс за помош на “двојка” и младиот Брендон Бас за помош под кошот.

Промена за новата сезона е преселбата на Девин Херис од клупата на позицијата на стартен плеј, предизвикана од вербата на тренерот Ејвори Џонсон во младиот плеј. Тоа значи прекоманда на Тери на “двојка” на која тој би можел да биде поопасен од лани. Остатокот од тимот е несменет и тоа е причина за големите очекувања на сите фанови на Далас кои по една година пауза пак очекуваат НБА финале.

Во плеј-оф ќе играат ако…
Разигрувањето само во случај на сериозна повреда на Новицки може да остане недостижно за Мавси, кои во новата сезона пак влегуваат со тим способен да им парира на најдобрите во лигата и да им ги замрси сметките на Спарси. Доколку Дирк се промовира во лидерот кој му е потребен на Далас, тие се тим кој заедно со Сан Антонио и Феникс е најголем кандидат за “Лери О’Браен” трофејот.

Што велат скаутите…
“Повторно ќе победат на голем број средби, но мислам дека полека тимовите сфаќаат како треба да се игра против нив”…”Ова ќе биде пресудна година за нив. С$ ќе биде ОК доколку успеат да стигнат до финалето, но доколку тоа не се случи, веројатно ќе почнат со растурање на тимот”…”Хауард е млад играч кој станува с$ подобар. Тој е многу активен на теренот со високо ниво на енергија секоја вечер. Во нивниот напад тие ја шират играта, што со оглед на неговото постојано движење го прави тежок за чување”…”Присуството на искусниот Еди Џонс ќе им помогне, како во нападот, така и во одбраната”…”И оваа сезона можат да бидат тим до најмногу победи”.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Ѕвезда
Актуелниот МВП имаше одлична сезона со 24.6 поени, 8.9 скокови и 3.4 асистенции во просек, но сето тоа падна во вода во плеј-офот во кој Новицки, а и Мавси не личеа на себе. Германецот падна пред тактиката на Дон Нелсон и во серијата со Вориорси беше задржан на 19.7 поени по средба и слаба реализација од игра од само 38%.

Неговото огромно разочарување по елиминацијата од Вориорси би требало да се покаже како екстра мотиватор, а со него како лидер Мавси имаат големи шанси да се вратат на врвот на Западот.
Сепак, останува отворено прашањето за лидерските способности на Дирк, нешто што тој треба да го докаже оваа сезона.

1 comment November 2nd, 2007

07-08 Привју: ХЈУСТОН - Време е да “кликнат“

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА SOUTHWESТ
ХЈУСТОН РОКЕТС

Сопственик: Лесли Александер
Претседател: Дерил Мори
Генерален менаџер: Дерил Мори
Арена: “Тојота Центар”, отворена на 12.10.2003 год.
Капацитет: 18 300 гледачи
Вредност на клубот: 422 мил. долари (3. во лига)

Историја:
Сезони: 36
Плеј-оф пласмани: 23
Пласмани во финалето: 4
Титули: две, последна 1995 год.
Најдобра сезона: 1993-94 со скор 58-24

СЕЗОНА 2006-07:
52 победи и 30 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 1. рунда од Јута
Постигнати поени: 96.9 (29.)
Примени поени: 92.1 (4.)
Шут од игра: 44.5% (30.)

Стрелец: Ј.Минг 25.0
Скокач: Ј.Минг 9.4
Асистент: Р.Алстон 5.0

Дојдоа: Стив Френсис (слободен), Луис Скола (Европа), Мајк Џејмс и Џастин Рид (Минесота), Џеки Батлер (Сан Антонио), Карл Лендри и Арон Брукс (драфт)
Заминаа: Џуан Хауард (Минесота), Џејк Цакалидис и Василис Спанулис (Европа)

Прва петорка: (замени)
Стив Френсис (Р.Алстон)
Трејси МекГрејди (Л.Хед)
Шејн Батие (Б.Велс)
Луис Скола (Ч.Хејс)
Јао Минг (Д.Мутомбо)
Тренер: Рик Аделман

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Рокетси беа едни од највредните тимови во текот на изминатото лето во кое не донесоа само нови играчи, туку и го сменија својот тренер и неколку од главните свои оперативци со цел да се засили тимот кој лани и покрај 52 победи разочара во плеј-офот не успевајќи да ја мине првата рунда за прв пат по 1997 година.
Летово сe започна со отпуштањето на тренерот Џеф Ван Ганди и ангажирање на искусниот Рик Аделман, по што следуваше камбекот на некогашниот херој Стив Френсис, трејдот со Минесота за Мајк Џејмс и дилот со Спарси во кој ги добија младиот центар Џеки Батлер и Аргентинецот Луис Скола. Покрај тоа, тие го задржаа Бонзи Велс на уште една година и го драфтуваа талентираниот Арон Брукс. Сите тие нивни потези се причина за голем оптимизам во Хјустон, кој сво новата сезона влегува со амбиција за првата своја дивизиска титула по 1995 година.
Најдобро покриени се во бековската линија каде на староседелецот Рејфер Алстон и Лутер хед ги додадоа повратниците Френсис и Џејмс кои можат да играат и на плеј и на “двојка”. Покрај нив, го имаат и Велс кој им дава повисока опција на бек-шутер и кој се надева дека оваа сезона конечно ќе се наметне по ланската во која беше во немилост на Ван Ганди. Плус, тие го имаат сега и плејот Брукс. Ништо чудно некое од овие имиња да биде трампано сезонава.
Сепак, најважното засилување е Скола, кој со своето искуство веднаш би требал да влета во првите пет и да биде од голема помош за Јао Минг. Скола според многумина изминативе неколку години беше најдобар играч во Европа и би требал одлично да се вклопи во системот на Аделман.

Во плеј-оф ќе играат ако...
Разигрувањето не би требало да го пропуштат, барем не доколку не им се случат повторно повреди на Јао и Трејси. Со Аделман како нов тренер играчите ќе добијат поголема слобода во играта од она што го имаа кај офанзивно рудиментираниот Ван Ганди, а тоа ќе се одрази и врз нивната игра. Тоа значи повеќе топки за Јао, но и многу повеќе додавања, посебно помеѓу високите играчи. Рокетси секако дека на хартија имаат квалитет да се носат со секого и со малку среќа можат конечно да ја вратат во Хјустон втората плеј-оф рунда по пауза од 11 години.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Што велат скаутите…
“Прв заклучок е дека тие се посилни со ангажманите на Стив Френсис и Мајк Џејмс, но јас сметам дека сега имаат премногу играчи кои можат да играат на бековски позсции”…”Секогаш кога во својот тим ги имате Јао и Трејси, кои се сигурно дел од Топ 10 играчите во лигата, ќе победите на доста средби”…”С$ додека не ја разрешат гужвата во бековската линија мислам дека не можат да стигнат далеку во плеј-офот”…”Рик Аделман е тренер кој сака брза кошарка, но Трејси веќе некое време не трча како порано, додека Јао пак ретко и трча. Не знам како ќе играат, па ќе биде интересно да се види тоа”…”Бонзи е нивниот џокер. Доколку успеат да извлечат цела сезона од него, тие можат да бидат доста незгодни”…”Мислам дека на стартот ќе се обидат со Џејмс на плеј, кој сепак не е најдоброто решение”.

Ѕвезда
Ланската сезона и официјално претставуваше предавање на статусот на прва ѕвезда на тимот од страна на Трејси Мекгрејди во рацете на Јао Минг кој полека почна да станува доминатната сила во рекетот која сите предвидуваа. Кинезот беше прв стрелец (25) и скокач (9.4) на тимот, а во моментите кога не се мачеше со ситни повреди тој беше ноќна мора за противничките центри.
Со своите 27 години Јао дури сега влегува во своите најзрели години и од него тек претстои најдоброто. Нешто на што едвај чекаат сите фанови на Хјустон.

3 comments November 1st, 2007

07-08 Привју: ФЕНИКС - Сонцето нема да сјае вечно

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
ФЕНИКС САНС

Сопственик: Роберт Сарвер
Претседател: Рик Велтс
Генерален менаџер: Стив Кер
Арена: “Ју-Ес Ерлајнс Центар”, отворена на 01.06.1992 год.
Капацитет: 19 023 гледачи
Вредност на клубот: 395 мил. долари (7. во лига)

Историја:
Сезони: 39
Плеј-оф пласмани: 27
Пласмани во финалето: 2
Титули: /
Најдобра сезона: 1992-93 и 2004-05 со скор 62-20

СЕЗОНА 2006-07:
61 победи и 21 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 2. рунда од Сан Антонио
Постигнати поени: 110.2 (1.)
Примени поени: 102.9 (23.)
Шут од игра: 49.4% (1.)

Стрелец: А.Стадемаер 20.4
Скокач: Ш.Мерион 9.8
Асистент: С.Неш 11.6

Дојдоа: Грент Хил (Орландо), Ди-Џеј Строубери и Аландо Такер (драфт), Брајан Скинер (Милвоки)
Заминаа: Џејмс Џонс (Портланд), Пет Бурк (Г.Стејт), Џален Роуз (слободен), Курт Томас (Сиетл)

Прва петорка: (замени)
Стив Неш (М.Бенкс)
Раџа Бел (Л.Барбоса)
Грент Хил (А.Такер)
Ш.Мерион (Б.Диао)
Амари Стадемаер (Б.Скинер)
Тренер: Мајк Д’Антони

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Секоја од последниве три сезони Санси успеваат да ги надминат очекувањата и секоја од последниве три сезони тие не успеваат да стигнат до големото финале. Стив Неш иако никој не очекуваше успеа да стигне до две МВП титули по ред, а и лани одигра МВП сезона, а Амари Стадемаер лани успеа да направи неверојатен камбек по сериозниот хируршки зафат на коленото само година дена порано. Сепак, тоа не беше доволно за освојување на титулата откако Сан Антонио по втор пат во три години им се испречи на тој пат. Со многу контроверзии Спарси го добија дуелот од втората рунда, а на фановите на Санси им остана само да жалат за новата пропуштена прилика. За некоја година никој нема да памети на кој начин Сан Антонио славел во таа серија.
Во новата сезона Феникс влегува со истата филозофија дека може да го прекрши правилото дека само одбраните освојуваат титули. Со оглед на тоа дека го имаат неуморниот Неш, како и незадоволниот Мерион и Стадемаер, нема причина во Аризона да не очекуваат уште една сезона со најмалку 60 победи. Но, загубата на Курт Томас може да се покаже многу побутна отколку што изгледа во моментов, затоа што со неговиот бесмислен трејд во Сиетл тие го загубија единствениот квалитетен дефанзивец во рекетот. Ново име е Грент Хил, кој доколку успее да одигра цела сезона без повреди секако дека ќе биде од голема помош, посебно на Неш во нападот, но и во соблекувалната со своето искуство.
Покрај тоа тука се и Раџа Бел, Леандро Барбоса и Борис Диао кои ги извршуваат сите оние останати работи, но останува проблем немањето резерва под кошот каде мора да се жртвува Французинот.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Разигрувањето уште сега е резервирано за Санси кои повторно ќе бидат дел од екипите кои ќе се борат за првото место на Западот. Сепак, многу поважно ќе биде да се види како тие ќе се покажат во плеј-офот и на кого ќе налетаат таму. Прашање е дали можат да се носат со Спарси, додека до некаде подобар противник за нив е Далас. Лошо може да им се одрази загубата на Курт Томас, посебно против тим како Спарси или Рокетси. И покрај тоа, пред с$ поради Неш, Феникс има тим способен конечно да ја освои титулата, нешто за што ќе мораат да побрзаат со оглед на тоа дека Неш има 34 години полека се затвара прозорот за Санси.


Што велат скаутите…

“Го ангажираа Грент Хил кој им дава квалитет плус, но го загубија Курт Томас кој беше нивни најдобар дефанзивец во рекетот”…”Неш се одржува во одлична физичка спрема. Тој ја сврте својата кариера на подобро кога почна со друг режим на тренинзи. Мислам дека ќе игра на МВП ниво уште некои две-три сезони”…”Стадемаер не е толку добар дефанзивец и мислам дека загубата на Томас ќе се одрази негативно врз нив. Курт одигра одлично во плеј-офот и беше важен дел од овој тим. Тоа е голема загуба за која малку се зборува”…”Во Хил добија уште еден организатор на играта кога Неш не е во игра, што е многу важно кога Барбоса го менува Неш, затоа што Леандро не знае баш најдобро да го организира нападот”.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket


Ѕвезда
Двократниот МВП лани одигра уште една сезона во таков стил, но гласачите веројатно одлучија дека ќе биде премногу и трета сезона по ред да му го доделат најголемото индивидуално признание. Неш минатата сезона ја заврши со 18.6 поени и 11.6 асистенции и со одлична реализација како за еден, така и во шутот за два и за три поени. Канаѓанецот уште една покажа дека с$ додека тој игра, Санси се кандидати за тронот и дека годините немаат големо влијание врз него. Најзаслужен за тоа е неговиот посебен режим на тренинг во кој тој успева да извади максимум од својот хронично болен грб.

1 comment October 31st, 2007

07-08 Привју: ЛЕЈКЕРС - До кога ќе го држат Коби?

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
ЛОС АНЏЕЛЕС ЛЕЈКЕРС

Сопственик: Џери Бас
Претседател: Џери Бас
Генерален менаџер: Мич Купчак
Арена: “Стејлпс Центар”, отворена на 02.11.1999 год.
Капацитет: 20 000 гледачи
Вредност на клубот: 529 мил. долари (2. во лига)

Историја:
Сезони: 59
Плеј-оф пласмани: 43
Пласмани во финалето: 28
Титули: 14, последна 2001-02
Најдобра сезона: 1971-72 со скор 69-13

СЕЗОНА 2006-07:
41 победи и 41 порази
Плеј-оф: Елиминирани во 1. коло од Феникс
Постигнати поени: 103.3 (5.)
Примени поени: 103.4 (25.)
Шут од игра: 46.6% (6.)

Стрелец: К.Брајант 31.6 (1.)
Скокач: Л.Одом 9.8
Асистент: К.Брајант 5.4


Дојдоа:
Дерек Фишер (Јута), Џаварис Критентон (драфт), Коби Карл (недрафтуван)
Заминаа: Смуш Паркер (Мајами), Арон Меки (пензија), Шамонд Вилијамс (Европа)

Прва петорка: (замени)
Дерек Фишер (Џ.Фармар)
Коби Брајант (С.Вујачиќ)
Лук Волтон (В.Радмановиќ)
Ламар Одом (К.Браун)
Крис Мим (Е.Бајнам)
Тренер: Фил Џексон

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket


Анализа:

Непишано правило е дека ни едно лето не е досадно кога се во прашање Лејкерси, па така беше и овој пат со доминацијата низ сите медиуми на сагата за Коби Брајант кој де сакаше, де не сакаше да си замине од Лос Анџелес. На крајот, Коби си остана со Лејкерси иако тимот не му ја исполни желбата да му донесе поквалитетни соиграчи.
Лани тие имаа добар старт на сезоната пред да ги зафатат повредите на Браун, Одом и Волтон, што значеше повеќе минути за неискусниот Бајнам, па и за рукито Фармар.
Доколку не се случи некој неочекуван трејд на Коби, Лејкерси сезонава би требале да се борат за петото место на Западот. Тимот кој кај себе го има Коби има шанса да слави на речиси секоја средба, но за тоа навистина да се случи ќе им треба здрав и во форма Одом и голем напредок на нивната центарска линија.
Во сенка на Коби помина камбекот во тимот на Дерек Фишер, кој би требал да биде засилување со оглед на тоа дека немаа ниту еден квалитетен плејмејкер, тој одлично го познава триаголникот на Фил Џексон и е голем пријател со Коби. Со тоа и е минимална загубата на Смуш Паркер кој се пресели во Мајами.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Доколку не се случи некој трејд на Коби или пак тој се повреди, Лејкерси би требале да бидат дел од втората четворка која ќе игра во плеј-офот на Западот. Нормално, за да успеат да направат било што повеќе и за прв пат ја поминат првата рунда по 2004 година, тие ќе мора да добијат многу повеќе од другите играчи, пред с$ Одом и Браун, но и од опоравениот Мим и младиот Бајнам кои ќе мораат да го одбранат рекетот од играчи како Данкан, Јао или Стадемаер.


Што велат скаутите…

“Мислам дека Коби само ги искажува своите фрустрации и дека ова ќе помине. Јас сум еден од оние кои мислат дека Лејкерси се многу подобри од тоа што го покажаа лани и дека причина за слабата сезона беа бројните повреди”…”Кога Мим и Одом се здрави, заедно со повратникот Фишер тие се доста добар тим”…”Бајнам ќе почека да стане одличен центар, но за сега може да им биде од помош на Мим и Браун. Во следните неколку сезони тој би требал да напредува и да стане тоа што Лејкерси го очекуваат од него”…”Ангажманот на Фишер им помага во голема мерка, посебно на рукито Критентон и на Фармар”…”Коби е најдобриот играч во лигата и навистина не ми е јасно како до сега нема ниедна МВП титула”…”Тие мораат да пронајдат уште еден играч со челична волја како таа на Коби. Кога не им оди на добро, Коби мора да има таков соиграч”.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Ѕвезда
Ако ништо друго, Лејкерси во моментов можат да се пофалат со тоа што во своите редови ја имаат најголемата ѕвезда во лигата, иако и тоа може да не биде со така долг век. Коби по елиминацијата од Феникс јавно си ги искажа фрустрациите од лошата работа на управата на клубот и побара трејд. Барање кое го повлече после некои месец дена, но кое с$ уште ги плаши фановите на Лејкерси дека би можеле наскоро да ја загубат својата ѕвезда.
Сепак, тоа никако не остава негативен впечаток врз самиот Брајант кој е најопасната машина за кошеви во лигата и кој е еден од подобрите дефанзивци. За очекување е малку понесебична сезона од него што ќе значи само некоја победа плус за Лејкерси.

7 comments October 31st, 2007

Идеме!

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Како и секоја година, и оваа најубаво се чувствувам при преминот на октомври во ноември и првиот вторник кој ќе се најде меѓу нив.

Вечер почнува она на што сите чекавме скоро пет месеци (можеби пократко зашто сепак требаат едно месец-два да се одмориш малку за пак да ти недостига нешто) и она на што Грег Оден ќе почека уште година дена.

Без многу тупење, пошто немам многу време, во продолжение е дел од текстот кој го напишав денес за во весник. Ќе ја постирам и најавата која ја направив за ЕСпорт, само да излезе најновиот број. Нормално, следниве два-три дена продолжува постирањето на екипите кои останаа ненајавени.

Иначе, за тоа дали ќе има НБА на некој наш канал, се уште нема ништо, иако МТВ некое време бараше спонзори за преноси. Не знам до каде е кај нив работата, ама сигурно е дека ќе има по една (петок) на Орбит ЕСПН.

* * * * * *

“Петката” како мотив плус за Спарси

Нецели пет месеци откако Тим Данкан и Спарси се искачија на НБА подиумот со својата четврта титула во последните девет години, вечерва повторно, по 62. пат по ред стартува најновото издание на најсилната кошаркарска лига на светот во кое токму Спарси ќе се обидат за прв пат во својата историја да го одбранат претходно освоениот “Лери О’Браен” трофеј.

Суеверните фанови на тимот од Тексас сигурно дека нема да бидат оптимисти со оглед на тоа дека минатите четири титули тие ги освоија во непарни години (1999, 2003, 2005 и 2007), но суеверието не е нешто со што се занимаваат Грег Попович, Данкан, Тони Паркер и Ману Џинобили кои се главни фаворити за задржување на својот шампионски трон. Како и минатата година, главните ривали на Спарси доаѓаат од Западната конференција и тоа Феникс и Далас, кои исто така не беа претерано активни на пазарот. За тоа изминатово лето беа задолжени во Бостон каде Селтикси со самод ва потега успеаја од еден од најслабите тимови во лигата лани да се претворат во легитимен конкурент за титулата на Истокот. Не толку недостижно достигнување ако се знае дека со тие два потега тие добија два екстра играчи во Кевин Гарнет и Реј Ален без со тоа да ја изгубат својата прва ѕвезда Пол Пирс.

Конкуиренцијата за место во разигрувањето во двете конференции е голема и мал е бројот на екипите како Минесота, Портланд, Филаделфија или Сиетл кои во новата сезона не влегуваат како можни плеј-оф кандидати. Покрај триото Сан Антонио, Далас и Феникс, својата шанса на Западот ќе ја бараат и подновените Хјустон Рокетси кои имаат нов тренер во искусниот Рик Аделман, како и неколку засилувања за кои веруваат дека во комбинација со Јао Минг и Трејси Мекгрејди се способни да се носат со секого. Нормално, Рокетси најпрво ќе треба за прв пат по 11 години да го минат првото плеј-оф коло.

Покрај нив, силината и квалитетот на Западната конференција ја докажува и Јута, која лани успеа да стигне до конференциското финале, како и Денвер кој со Кармело Ентони и Ален Ајверсон како лидери е еден од офанзивно најпотентните тимови во НБА. Тоа е шесторката која ќе биде во игра за највисок пласман на Западот, додека за останатите две места ќе се борат Лејкерси, ланското изненадување Голден Стејт, доста засилениот Мемфис, повратникот Њу Орлеанс како и гладните за успех Кингси.

Ситуацијата во Источната конференција е поеднакво замрсена, само што за разлика од Западот, таму е помал бројот на екипите кои имаат реални шанси да се борат за титулата. Сепак, Истокот мора да има свој претставник во големото финале, и исто како и Кливленд лани, неколку екипи во новата сезона ќе ја гледаат својата шанса за мегдан со најдобриот од Западот. Бостон дигна најголема прашина и со новот големо трио секако дека е еден од главните фаворити. Улога во која се наоѓаат и шампионите од 2004 год. Детроит, се подобриот Чикаго, првакот од 2006. год. Мајами, како и актуелниот шампион на Истокот, Кавси, кои ќе се изнамачат за да стигнат во истата ситуација во која беа минатиот јуни.

Вечерва сезоната, по традиција ја отвара шампионот, па така Спарси ќе ја имаат таа чест пред дуелот со Портланд да им биде подигнат новиот банер и да им бидат поделени прстените наменети за најдобриот од страна на НБА комесарот Дејвид Стерн. Средбата со Блејзерси требаше да биде и деби во лигата за првиот пик и голем талент Грег Оден и негов дуел со Данкан, но повредата на коленото го одложи тоа деби на младиот центар за една година. Покрај нив во првата НБА вечер се среќаваат Лејкерси и Рокетси, како и Голден Стејт и Јута во римеч на ланското полуфинале на Западот.

3 comments October 30th, 2007

07-08 Привју: КЛИПЕРС - Бедни без Бренд

ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА - ДИВИЗИЈА ПАЦИФИК
ЛОС АНЏЕЛЕС КЛИПЕРС

Сопственик: Доналд Стерлинг
Претседател: Енди Розер
Генерален менаџер: Елџин Бејлор
Арена: “Стејплс Центар”, отворена на 02.11.1999 год.
Капацитет: 20 000 гледачи
Вредност на клубот: 248 мил. долари (24. во лига)

Историја:
Сезони: 37
Плеј-оф пласмани: 7
Пласмани во финалето: /
Титули: /
Најдобра сезона: 1974-75 со скор 49-33

СЕЗОНА 2006-07:
40 победи и 42 порази
Плеј-оф: Не беа дел од разигрувањето
Постигнати поени: 95.6 (23.)
Примени поени: 96.1 (9.)
Шут од игра: 45.6% (19.)

Стрелец: Е.Бренд 20.5
Скокач: Е.Бренд 9.3
Асистент: Ш.Ливингстон 5.1

Дојдоа: Гиљермо Диаз и Ал Торнтон (драфт), Бревин Најт (Шарлот), Ден Дикау (Њујорк), Џош Пауел (Г.Стејт), Рубен Патерсон (Милвоки)
Заминаа: Вил Конрој, Даниел Јуинг и Џејмс Синглтон (сите во Европа), Џејсон Харт (Јута)

Прва петорка: (замени)
Сем Кесел (Б.Најт)
Катино Мобли (К.Рос)
Кори Магети (Т.Томас)
Рубен Патерсон (А.Торнтон)
Крис Кејмн (А.Вилијамс)
Тренер: Мајк Данливи

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Анализа:
Минатата сезона Клиперси немаа среќа и за само две средби не успеаја да стигнат до последното плеј-оф место на Западот за кое ги претркаа Вориорси. Тие имаа големи очекувања за новата сезона с$ додека во август Елтон Бренд не ја скина ахиловата тетива која ќе го одалечи од теренот најмалку до февруари идната година, а реално е таа пауза да биде и подолга. Во исто време со Бренд својот камбек се очекува да го направи и Шон Ливингстон кој во февруари годинава имаше сериозна повреда на коленото.
Лани Клиперси поради проблемите со повреди имаа дури 24 различни први петорки, нешто што со оглед на повредите на Бренд и Ливингстон, и години на Сем Кесел (38) секако ќе продолжи и оваа сезона. Малку надеж им дава рукито Ал Торнтон како и засилувањата Рубен Патерсон и Бревин Најт, додека се очекува и подобра сезона од Кори Магети.
Клиперси веројатно ќе се обидат да останат во игра за место во разигрувањето до февруари кога очекуваат да им се врати Бренд. Доколку до март не бидат дел од топ десет екипите на Западот, можеби ќе биде подобро да не брзаат со враќањето на Бренд и Ливингстон на теренот.


Во плеј-оф ќе играат ако…

Со оглед на јачината на нивната конференција и поврдите на Бренд и Ливингстон, Клиперси се во крајно незгодна ситуација и тешко дека ќе можат да стигнат до едно од последните места кои водат во разигрувањето. Многу работи ќе зависат од тоа како тие ќе се снајдат без својата прва ѕвезда и како ќе ги надополнат 20-те поени и десет скокови на Бренд.

Photo Sharing and Video Hosting at Photobucket

Што велат скаутите…
“Елтон Бренд е огромна загуба за нив. Тој е нивниот лидер кој ги вршеше сите валкани работи во рекетот. Неговата повреда ги врати чекор назад”…”Ќе мораат да ја рашират играта и да им дозволат да шутираат тројки на Мобли и Томас, со што ќе се отвори и простор за игра и за Магети и Кесел”…”Ќе им биде многу тешко да го изградат својот идентитет”…”Бревин Најт е искусен ветеран кој може да биде нивни прв плеј доколку пак се повреди Кесел”.


Ѕвезда

По своето доаѓање од Чикаго 2001 година Елтон Бренд стана заштитен знак на еден од наслабите тимови во лигата успевајќи 2005 год. да ги однесе Клиперси и до плеј-офот. Кога тој е на теренот, тоа е гарант за најмалку 20 поени и десет скокови за Клиперси секоја вечер. Иако лани имаше благ пад во формата, тој остана прво име на тимот кој без него ќе се изнамачи на силниот Запад.

Add comment October 30th, 2007

Previous Posts


Календар

December 2008
M T W T F S S
« Nov    
1234567
891011121314
15161718192021
22232425262728
293031  

Архива

Категории