Posts filed under 'Фотка на неделата'


Џош и Џеј-Ар Смит истата година влегоа во НБА, директно од средно и тоа еден по друг, како 17. и 18. пик. И двајцата во своите кариери учествуваа во Натпреварот во забивање, кое првиот успеа и да го освои. И за едниот и за другиот често се зборуваше дека се психички незрели, но во исто време и физички страшни потенцијали.
Со тек на време и двајцата созреаа, што можеби малку повеќе може да се каже за Џош, иако и кај двајцата се уште има доста простор за напредок на тоа поле. И Џош и Џеј-Ар се дел од екипи кои се во врвот на своите конференции, но кои реално немаат шанса да стигнат до големото финале. И двајцата го носат истото презиме, но не се во никаква роднинска врска.
И на крај, и двајцата се страшно атрактивни играчи кои изминатава недела ќе ја паметат по различни “атрактивни“ потези. Додека екс-шампионот во забивање успеа да упропасти чисто куцање за победа во Њујорк каде беше изблокиран од Вилсон Чендлер во последните секунди, бекот на Нагетси го имаше веројатно второто најдобро куцање од цепелин оваа сезона. Да не беше она чудо на Леброн, баш против Никси, ќе беше и прв.
March 12th, 2010

Можеби се уште се во игра за второто место на Истокот. Можеби, со оглед на искуството, се во игра да се вратат во финалето. Можеби годините, наместо терет, ќе им бидат од корист. Можеби повредите ќе ги заобиколат. Можеби Миџетот ќе им биде некаков фактор (Не).Можеби ќе успеат да се носат со Кавси, Орландо или па Хоукси.
Но, тоа се многу “Можеби“ за тим кој според многумина беше главен кандидат за тронот на Лејкерси. Како што Твитнав пред некое време, Селтикси за мене се The yesterday men, а тоа вчера само го потврдија Нетси кои сред Бостон стигнаа до својата дури шеста победа оваа сезона. Тоа зборува многу повеќе за ситуацијата во Бостон, отколку било која нивна средба оваа сезона.
Зеленото веќе не е во мода.
February 28th, 2010

Леброн – 43 поени, 13 скокови и 15 асистенции
- Прв играч по “Пистол“ Пит Маравич 1974 година со најмалку 30 п., 10 ск. и 15 ас.
Кармело – 40 поени, 6 скокови и 7 асистенции
- Шут за победа на Денвер на 1.9 секунди до крај преку Леброн.
Победа на Денвер од 118-116 по едно продолжение во една од најдобрите средби оваа сезона.
February 19th, 2010

Што и да напишам за Леброн, посебно за неговата форма во последниве месец дена, ќе биде премалку. Дури ни бројките, кои секогаш се на негова страна и се уникатни дури и за НБА, не можат да ја прикажат во целоста големината на Леброн, кој речиси сам ја продолжуа серијата на Кавси од 13 победи во низа, сите без момакот кој треба да биде негова десна рака, Мо Вилијамс.
Сабајлево против Орландо, Леброн пак беше на граница на трипл-дабл, а откако во финишот сам го сруши Орландо, Мо си најде нова улога во “ладењето“ на Џејмс. Ала Џејмс Браун.
ПС: Вечер почнува Ол-Стар викендот во Далас, каде за чудо, неколку дена паѓа снег и прави проблем со пристигањето на главните фаци. Од тие фаци веќе е јасно дека Коби нема да игра, што е голем удар за едно вакво шоу, како и дека нема да заигра ни Ајверсон, кој не ни има сезона (последниве две) со кои заслужува да се најде таму. Точно е дека го изгласаа, но факт е дека не му таму местото. Сепак, Ајверсон не отсуствува поради повреда, туку поради сериозна болест на неговата ќерка, на која и посакуваме брзо оздравување.
ПС1: Замени за Коби и Ајверсон се Кид и Дејвид Ли. Кид веројатно е избран затоа што може за пет минути да се дотркала до стадионот во Арлингтон, додека Ли, иако ќе беше поправедно да беше Џош Смит, е добро решение. А и прв играч на Њујорк на Ол-Стар после дооолга пауза.
February 12th, 2010

Да не биде дека не било спомнато. А и не е нешто што треба да помине туку-така или да се игнорира. Изминатава недела Коби стана најефикасниот играч во историјата на Лејкерси, поминувајќи го Џери Вест на врвот, а оставајќи зад себе и ликови како Вилт, Шек, Меџик и Карим.
Само еден ден подоцна Фил Џексон со својата 534 победа како тренер на Лејкерси стана тренер со најмногу триумфи во нивната богата историја. Поминувајќи го Пет Рајли. Нек се угоде.
February 4th, 2010

Само два дена по големото постигнување на Шек, играчот чива кариера засекогаш ќе се поврзува со Дизелот, и обратно го оствари своето голем достигнување. Во дуелот со Кавси, Коби стана најмладиот играч со 25 000 поени зад себе, тренд на “Најмлад играч со ***** поени““кој од самиот старт на кариерата го следи и кој веќе почнува да го наследува Леброн.
Инаку, кога во јуни 1996 година Шарлот (Хорнетси) го избраа како 13. пик, а веднаш потоа го испратија во Лос Анџелес во размена за Владе Дивац, многумина не ја гледаа големината која во себе ја криеше Коби. Во тоа време и не беше некој голем тренд да се драфтуваат средношколци, но сето тоа се смени после Кеј-Џи и Коби. Сега тој трејд помеѓу Хорнетси и Лејкерси делува смешно, иако и Шарлот измолзе некоја солидна сезона од Владе.
Сепак, Кобстерот, и покрај сите споредби и обвинувања за копирање на Мајкл, е приказна сам за себе, некои го сакаат, а некои го мразат, но нема збор дека дечкото кога ќе се спушти завесата ќе влезе во секоја дискусија за “Најголем на сите времиња“.
А она што е најстрашно, уште не сме виделе се од него. Исто како и од неколку други имиња во Лигата, на кои сепак тој им е лидер.
ПС: Само што ја изгледав Кавс-Лејкерс, во која Коби беше добар, но не и остатокот од Лејкерси, барем не кога беше најпотребно против Кливленд без Мо Вилијамс (месец дена пауза најмалку). Баш заради тоа очекувам вечер експлозија во Њујорк.
January 22nd, 2010

Веста е од вчера, но се “печеше“ цели 17 и пол години, од првиот ден кога НБА го запозна Шекил О’Нил. Сликата е од руки сезоната на Шек, кога тој на светот му се претстави како доминантна сила каква немало од времето на Вилт Чембрлен. Го паметам од LSU и од стартот на неговата кариера и слободно можам да кажам дека пред него, а уште повеќе по него јас немам видено таква појава на теренот. И тоа само од физички аспект. Чиста доминација. Да не зборуваме за неговата уникатна харизма која нема да може да се достигне и доколку денес се спојат персоните на еден куп НБА ѕвезди.
Уникатен во секој поглед, Шек завчера против Торонто стигна до својот 28 000. поен во кариерата. Да ги убацуваше слободните малку попрецизно, како што рече и самиот тој, сега ќе го славеше својот 30 000. поен. Но, никој не е совршен.
ПС: Пред него се, и скоро сигурно ќе останат Карим, Карл Мелоун, Мајкл и Вилт. Па и не е така лошо друштво, иако во следните десет години очекувам некои денешни главни фаци да го престигнат.
January 21st, 2010
Previous Posts